Достапни линкови

Начелна партиска поддршка за предлог измените на Уставот


И во втората фаза, во која собранието треба да ги исвои нацрт амандманите за измена на Уставот, со мнозинство гласови од бројот на народни избраници, начелно има поддршка од сите политички партии, освен ВМРО-ДПМНЕ, каде сметаат дека промена во највисокиот акт треба да се направи само во делот на републичкиот судски совет. За решенијата, предвидени во нацртот, информира Убавка Матевска од министерството за правда:

„Се менува начинот на изборот на судиите. До сега, знаете тоа го правеше Собранието, а со амандманот 29 се предвидува судиите да ги избира државниот судски совет, додека со амандманот 28 е предвидено констируирањето на државниот судски совет што во суштина го заменува републичкиот судски совет. Во амандманот 26 се предвидува по основниот избор во основните судови, судиите да се бираат со определен рок од три години, по што ќе може да добија неограничен мандат. Идентично е и решението за државните јавни обвинители.“

Во контекст на овие решенија, политичките партии имаат свои забелешки и предлози.

„Имаме забелешки во однос на тоа дали државниот обвинител треба да го бира собранието, дали посебно тело. Во составот на државниот судски совет, јавното обвинителство итн.“

„Ние не сме за пробен мандат, затоа што ќе имаме две категории во судството, а тоа веќе не е независно судство,“


изјавија Жарко Караџовски од ВМРО-Народна и Абдулади Вејсели од ПДП.

Од СДСМ велат дека можност за промена во предложените нацрт амандмани ќе има по јавната расправа:

„Во овој дел ние нацрт амандманите ќе ги поддржима како СДСМ. Потоа следува најзначајната фаза, и од јавната расправа ќе се обидеме да направиме сублимат и да ги разгледаме сите предлози,“

рече Борис Кондарко.

По усвојувањето на нацрт амандманите од ДУИ посочуваат дека ќе останат на ставот за воведување на функцијата потпретседател на државава:

„Наша намера е во иднина да не ни се случи она што ни се случуваше во минатото. Ние да имаме претседател, а половина од партиите претседателот да го нарекуваат граѓанин или т.н. претседател итн. Ние сметаме дека на претседателски избори што повеќе граѓани треба да излезат на избори,“

вели Рафиз Алити од ДУИ.

Инаку, уставните измени за реформи во судството следат по низата критики на меѓународната заедница за неефикасностна на оваа област.
XS
SM
MD
LG