Достапни линкови

Чаршијата бледее, но преживеала пет века, па и ова ќе го преживее


На улицата Белградска, во Скопската Чаршија, се уште си го чуваат дуќанот, Џељадин Асани, познат како мајстор Џељо, шапкарот Златко Трајковски и Алајдин Идриз. Сите се согласуваат дека раскошот на чаршијата бледнее, а занаетчиите не се како порано. Изгледа е некаква мода, велат тие, Македонците да се селат од другата страна на Вардар. Мајстор Џељо, кој од шеесет и четвртата изработува накит, вели дека проблемот на чаршијата е комплексен.

„Толку многу треба да се направи, дури јас споредувам дека како што на државата и владта и треба ремонт, така и на чаршијата.“

„Мултикултуризам. Чаршијата почна да бледее. Занаетчиите не ги интересира национализмот.“


Во минатото, на Белградска работеле и Евреи, Власи, Грци, Турци, Ерменци..Златко Трајковски се сеќава на зборовите од татко му дека чаршијата произведувала се, од игла до локомотива. Сега, поисплатливо е да се тргува, па така умираат и занаетите, а и чаршијата го губи значењето. Иако, нема муштерии како порано, Златко Трајковски вели дека и понатаму ќе остане крај машината за шиење, и ќе ги минува деновите со занаетчиите, кои не се Македонци.

„Чаршијата не нуди ништо. Македонците не само од чаршијата, туку и од оваа страна на Вардар се отселуваат. Не знам зошто. Но јас останувам, сакам да живеа со сите и убаво живеам.“

Чаршијата има сопствени правила. Кондураџијата Алајдин Идриз вели дека овде занаетчиите се ценат според мајсторлукот.

„Секогаш постарите луѓе се почитуваат, тие се мајстори.“

Тој, во чаршијата гледа светла иднина, иако познава луѓе кои никогаш не стапнале во неа.

„Овој објект е 5 века стар, ако преживеал толку превирања преживеал и ова ќе помине“

Мајстор Џељо, пак, вели дека борбата меѓу едните и другите треба да продолжи, ама во поинаква смисла.

„Кој поубави работи ќе изложва, таков натпревар и борба е оправдано за добар квалитет.“
XS
SM
MD
LG