Достапни линкови

Вести

Скопје: Посета на Ерих Ваиделих, шеф на невладината ЕМРАСТ

Во посета на Македонија денеска треба да допатува претседателот на американската невладина организација ЕМРАСТ Ерих Ваиделих. Основна дејност на ЕМРАСТ е едукација и практични вежби на полето на одбраната од терористички, биолошки и нуклеарни дејствија.

види ги сите денешни вести

Русија одбила напад со украински дронови во Белгород

илустрација
илустрација

Руското Министерство за одбрана во вторник (8 септември) соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана одбиле напад на украинско беспилотно летало рано утрото, при што биле соборени 16 беспилотни летала.

„Четиринаесет беспилотни летала беа соборени над територијата на регионот Белгород, кој граничи со Украина, а други две беа уништени во близина на рускиот брег на Црното Море“, соопшти Министерството во порака на Телеграм.

Еден ден претходно, украинските беспилотни летала наводно погодиле складиште за гориво во Феодосија, најголемиот таков објект во окупираниот Крим, предизвикувајќи голем пожар и евакуација на стотици жители.

Нови напади врз Либан, Израел тврди дека убил командант на Хезболах

илустрација
илустрација

Либанската Национална новинска агенција објави дека израелските воздушни напади започнале рано во вторник (8 октомври) во Бејрут и низ источен и јужен Либан, додека Израел тврди дека убил висок командант на Хезболах во Бејрут.

Најмалку уште десет напади беа пријавени во Бејрут во текот на ноќта, а Израел соопшти дека цел на 70 локации на Хезболах во јужен Либан во понеделникот.

Израелската војска соопшти дека го убила Сухаил Хусеин Хусеини, командант на штабот на Хезболах, милитантна организација поддржана од Иран, во напад на Бејрут во понеделникот.

Се вели дека Хусеини е одговорен за трансферот на оружје од Иран и дистрибуцијата на оружје до различни единици на Хезболах.

Хусеини, исто така, бил „вклучен во буџетот и логистичкото управување на најчувствителните проекти на организацијата, вклучувајќи го и оперативниот план за војната“, се додава.

Соединетите Држави го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија на црната листа го стави само неговото вооружено крило, а не и политичката партија која има места во либанскиот парламент. Хезболах го поддржува Хамас, палестинската милитантна организација, од почетокот на војната во Појасот Газа.

Хезболах допрва треба да ги коментира тврдењата дека Израел го убил нивниот командант.

Во понеделникот, Израел ја одбележа првата годишнина од нападот на Хамас врз еврејската држава во кој беа убиени повеќе од 1200 луѓе, а околу 250 луѓе беа земени како заложници.

Во Ерусалим, пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се собраа членовите на семејството и роднините на околу 100 заложници кои сè уште ги држи Хамас, од кои многу се претпоставува дека се мртви. Тие протестираа молчејќи затоа што владата на оваа земја се уште не успеала да ги ослободи заложниците од заробеништво.

По нападот на 7 октомври, Израел започна воена офанзива против Појасот Газа во која загинаа речиси 42 000 Палестинци, соопшти Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.

ОН: Израелските акции во Газа се потенцијални злосторства против човештвото

Појас Газа
Појас Газа

Експерти на ОН изразија солидарност со палестинскиот народ, по повод годишнината од нападот на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, нагласувајќи дека акциите на израелската армија против Палестинците претставуваат воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото.

„Како резултат на тоа, Меѓународниот суд на правдата (МСП) предупреди дека постои реална и непосредна опасност од непоправлива штета на правото на Палестинците да бидат заштитени од геноцид“, предупредија експертите на ОН во заедничката изјава.

Експертите на ОН нагласуваат дека меѓународните судски механизми, ОН и меѓународната заедница треба темелно, непристрасно и независно да ги истражат овие наводи, да воспостават команден синџир, да ги гонат и казнат сторителите и да обезбедат целосна репарација за жртвите и нивните семејства.

„Продолжуваме да апелираме до меѓународната заедница да обезбеди прекин на трансферот на оружје од држави и компании за Израел, вклучително и преку полномошници, со цел да се избегне одговорноста за воени злосторства и злосторства против човештвото со соучесништво“, додаваат експертите во заедничката изјава.

Експертите на ОН, исто така, изразија загриженост за ширењето на насилство и непријателства во другите земји од регионот, особено за ескалацијата во Либан, која досега резултираше со смрт на повеќе од 2000 лица, вклучително жени и деца, со повеќе од 9500 ранети лица и раселување на стотици илјади.

Тие ги повикаа сите страни во конфликтот веднаш да ги прекинат непријателствата, да ги почитуваат резолуциите на ОН и привремените мерки на МСП за Израел и Газа, да разменат заложници, вклучително и Палестинците во израелските затвори, да дозволат неограничен пристап на независните експерти на ОН до Израел и окупираната палестинска територија, како и спроведување истраги за прекршување на меѓународното право и запирање на ескалацијата во регионот.

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Последици од поплавите во Босна и Херцеговина, октомври 2024
Последици од поплавите во Босна и Херцеговина, октомври 2024

Во Босна и Херцеговина е прогласен Ден на жалост, откако во поплавите и одронот на земјиштето во централниот дел на земјата загинаа 18 лица, а неколкумина се изчезнати. Знамињата на зградите на институциите се спуштени на половина копје, културните настани се откажани, а спортските настани ќе бидат приспособени на моментот.

Ден на жалост беше прогласен на 7 октомври од владите на ентитетите на Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска, и округот Брчко на Босна и Херцеговина како трета административна единица.

Истиот ден вонредна седница одржа и Министерскиот совет на БиХ, на која беше предложен предлог за одлука за прогласување ден на жалост на државно ниво, но државната влада немаше кворум да донесе таква одлука.

Инаку, бројот на жртвите во поплавите во Херцеговина се искачи на 18, покажуваат податоците на кантоналната цивилна заштита и МУП објавени од кантонската влада.

Шеснаесет жртви се од Јабланица, а две од Коњице, се вели во соопштението.

Според полицијата, се трага по тројца исчезнати во Коњиќ, а четворица во Јабланица.

Како што се наведува, меѓу 18-те жртви, едно тело се уште не е идентификувано.

Сојузниот хидрометеоролошки завод издаде предупредување за можни обилни врнежи на запад, север и исток на Херцеговина од вторник навечер до среда наутро.

Хезболах ја ракетирал израелската воена разузнавачка база Глилот

илустрација
илустрација

Либанското милутантно движење Хезболах доцна синоќа соопшти дека истрелало „бараж ракети“ врз главната израелска воена разузнавачка база во близина на Тел Авив.

Хезболах го посвети овој напад на својот лидер Хасан Насрала, кој беше убиен во израелски напад на крајот на септември.

Во соопштението оваа проиранска формација наведе дека „испукала салва од ракети кон базата Глилот“.

Во оваа воена разузнавачка база, според израелските медиуми, е сместено и седиштето на Мосад, израелската надворешна разузнавачка служба.

Проиранското исламистичко движење Хезболах претходно објави дека оваа база ја гаѓале и во август и октомври.

Тел Авив е одалечен 580 километри од либанската граница.

Тачи: Јас и ДПА веќе нема да бидеме дел од „Европскиот фронт "

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи

Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи вечерва соопшти дека тој и неговата партија веќе нема да бидат дел од Коалицијата „Европски фронт".

-Сто дена се малку за да се анализира работата на една Влада. Причината зошто отсуствував на прес-конференцијата за стоте дена за владеењето на Владата организирана од „Европски фронт“ е поради тоа што јас и ДПА веќе нема да бидеме дел од Фронтот, рече Тачи вечерва во телевизиско гостување на Телевизија Клан Македонија.

Мендух Тачи беше кандидат за пратеник на „Европскиот фронт“ во Изборната единица 6. Со неговото заминување, коалицијата ќе падне на 17 пратеника во Собранието.

Пратеничката група на Коалицијата „Европски фронт“ функционира во полн состав, истакна денеска координаторот на пратеничката група Блерим Беџети одговарајќи на новинарско прашање околу наводите во медиуми дека претстедателот и пратеник на ДПА, Мендух Тачи се повлекува од коалицијата.

Протести на опозицијата во Албанија, со молотови коктели кон институциите

Протести на опозицијата во Тирана
Протести на опозицијата во Тирана

Десет полицајци беа повредени во понеделникот во Тирана, откако приврзаниците на главната опозициска партија фрлаа молотови коктели, пиротехнички средства и други предмети врз институционалните згради за време на протестите поради затворањето на пратениците на партијата.

Поддржувачите на опозициската партија во Албанија, Демократската партија (ПД), фрлија експлозивни направи во правец на кабинетот на премиерот и неколку други згради.

Непосредно пред крајот на протестот, демонстрантите се обидоа да се соберат пред зградата на Собранието, но полицајците фрлајќи солзавец го спречија собирот.

Генералниот секретар на десничарската Демократска партија Фљамур Нока на крајот од протестот рече дека тоа е првиот чекор на граѓанска непослушност.

Тој рече дека на протестот му е упатена порака на албанскиот премиер Еди Рама дека мора да го прифати барањето на опозицијата за техничка влада, во спротивно нема да има мир.

Ќе бидеме во акција секој ден“, изјави Нока.

Демократската партија ги засили акциите против владата по одлуката за апсење на Ервин Салијани под обвинение за „лажно пријавување“, за кое тврди дека е политички мотивирано.

Полицијата соопшти дека ги преземала сите мерки за откривање и приведување на лицата кои учествувале во нападите во понеделникот врз полициски службеници и државни институции.

Молотов коктел бил фрлен и врз зградите на Министерството за внатрешни работи и на општина Тирана.

Полицијата го запре автомобилскиот сообраќај на патиштата што се поврзуваат со центарот на Тирана.

Опозициски протест во Тирана
Опозициски протест во Тирана

Салијани од Демократската партија минатиот месец беше прогласен за виновен за давање лажно сведочење во случајот за шверц на дрога, насочен кон братот на пратеникот на владејачката Социјалистичка партија. Судиите се сомневаа дека некои опозиционери направиле лажни снимки.

Од одлуката на Судот за апсење на Салијањи, опозицијата спроведе неколку акции, меѓу кои палење столови пред Собранието и четири кукли, од кои две беа со ликот на албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај.

Претседателот на Демократската партија Сали Бериша во последниот говор од куќниот притвор рече дека секој демократ е подготвен да се жртвува.

„Демократите го лансираат својот револт, својот гнев. Од 7 октомври до нашиот триумф, нема сила во светот што може да не порази“, рече Бериша.

Протест на опозицијата во Тирана
Протест на опозицијата во Тирана

Бериша е во домашен притвор од декември минатата година под обвинение за „пасивна корупција“ за време на неговиот мандат од 2005 до 2013 година.

Тој ги отфрли обвинувањата против него како политички мотивирани и го обвини Рама дека стои зад нив додека Албанија се подготвува за парламентарните избори следната година.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија изразија загриженост и жалење за сцените видени во двете претходни акции на опозицијата и повикаа на дијалог.

Филипче: Мицкоски има обврска да го каже планот за евроинтеграцијата на земјава

Венко Филипче, петседател на СДСМ
Венко Филипче, петседател на СДСМ

Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата, и за тоа се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Ова го побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Смета дека ова прашање треба да се најде на собраниска седница пред пратениците и граѓаните да го кажат планот за европската интеграција на Македонија.

„Тие кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа ние досега од тоа не видовме ништо. Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за владата и премиерот да го кажат планот за нашиот евроинтегративен процес, изјави Филипче.

Филипче порача дека потребен е конкретен план во Собранието.

Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува, а тие го блокираа европскиот интегративен процес, а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага“, рече Филипче.

Европската Унија одлучи Албанија да се оддели од Северна Македонија во процесот на преговори со Унијата.

Албанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.

Ваква одлука донеле амбасадорите на државите членки на ЕУ на 25 септември.

Причината е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство. Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.

Филков се уште чека одговор за екстрадицијата за случајот „Монструм“

Игор Филков, министер за правда
Игор Филков, министер за правда

Министерот за правда Игор Филков во Приштина остварил работна средба со косовската министерка за правда Албулена Хаџиу, на која биле разменети искуствата и добрите практики во реформските процеси.

„На средбата беше дискутирано и за две отворени прашања од интерес на двете земји. Разговарано беше за случајот „Монструм“, за којшто од косовска страна беше презентирано дека барањата за екстрадиција се процесуирани од страната на Јавното обвинителство и дека веднаш откако ќе биде донесено решение или ќе имаат конкретни информации за истото ќе го информираат Министерството за правда на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за правда.

Претходно речиси веднаш по стапувањето на функцијата во јули, Филков информираше дека пофторно се бара екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Тие се осудени на доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“.

Првата еккстрадиција беше побарана на 15 март 2013 година, но Косово го одби барањето. Втор пат екстрадиција е побарана за двајцата на 05.09.2018 година.

На 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.

Во однос на барањето на Косово за случајот „Диво насеље“, министерот Филков посочил дека сите предмети се земени во работа и дека се постапува со нив согласно националното законодавство и сите меѓународни стандарди.

Двајцата министри ја искажале својата определба да продолжи соработката меѓу двете институции во насока на остварување на заедничките заложби.

Украинскиот премиер му порача на словачкиот дека договорот за руски транзит на гас нема да биде продолжен

Словачкиот премиер Роберт Фицо (лево) и неговиот украински колега Денис Шмихал на 7 октомври
Словачкиот премиер Роберт Фицо (лево) и неговиот украински колега Денис Шмихал на 7 октомври

Украинскиот премиер Денис Шмихал на 7 октомври му рече на словачкиот колега Роберт Фицо дека Киев нема да го продолжи договорот за транзит на гас со Русија кога ќе истече на крајот на годината, потег што веројатно ќе ги зголеми тензиите меѓу ЕУ и членката на НАТО и Украина, која има аспирации да се приклучат на двете организации.

„Украина уште еднаш вели дека нема да го продолжи транзитниот договор со Русија откако ќе истече“, рече Шмихал на заедничката прес-конференција со Фицо во пограничниот град Ужхород во западна Украина на 7 октомври.

„Стратешката цел на Украина е да го лиши Кремљ од профитот од продажбата на јаглеводороди кои агресорот ги користи за финансирање на војната“, рече тој.

Шмихал рече дека Киев ја разбира „акутната зависност“ на некои држави, вклучително и Словачка од снабдувањето со руски гас, но рече дека евентуалната диверзификација на испораката ќе ги надмине таквите прашања.

Шмихал, исто така, рече дека Украина и Словачка, кои делат граница од околу 100 километри се согласиле да основаат енергетски центар во Источна Европа користејќи ги ресурсите на значителните украински складишта за гас.

Фицо ја пофали континуираната посветеност на Киев за користење на неговите транзитни системи по истекот на договорот со Русија.

“Ја поздравувам нашата дискусија која потврди дека вие, како и ние, имате интерес транзитниот систем што го имате на украинска територија да продолжи да се користи, кога станува збор и на нафтата и на гасот“, рече Фицо.

Словачка, под рускиот пријателски лидер Фицо, и Украина се во расправија околу транзитот на руската нафта и гас, чиј извоз е главен извор на финансирање за Русија, која е под западни санкции од нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Во времето кога Москва ја започна својата инвазија, ЕУ беше во голема мера зависна од Русија за гас, но оттогаш таа бараше алтернативни набавки. Повеќето земји од ЕУ го бојкотираа увозот на руска нафта и гас, со исклучок на неколку, вклучувајќи ги Унгарија и Словачка.

Наводно е постигнат договор за продолжување на транзитот на руска нафта преку Украина, но испораките на гас ќе бидат сериозно ограничени доколку Киев го исполни ветувањето дека ќе ги прекине транзитните услуги на почетокот на 2025 година.

Испораките на рускиот гас во Европа преку гасоводот во моментов се ограничени на две рути: првата преку европскиот крак на Турски тек, заеднички проект на Газпром и Турција кој испорачува гас од Русија до Турција под Црното Море, а потоа понатаму до Централна и Југоисточна Европа; вториот преку Украина преку влезната точка Суџа на границата со Русија.

Актуелниот договор на Русија со Украина истекува на крајот на 2024 година.

Надвор од спорот за горивото, Фицо застана на своето силно противење на можниот влез на Украина во НАТО, истовремено велејќи дека ја одобрува кандидатурата на Киев за пристапување во Европската унија.

Фицо, заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротивставија на западната воена помош за Украина и извршија притисок за мировни договори кои се неприфатливи за Киев.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG