Достапни линкови

Андреј Петров, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на скопската општина Карпош. Власта никој не ја дава така лесно


Речиси десетина дена функционира децентрализацијата. Кои се вашите првични видувања?

Она што можеме сега да го кажеме на почетокот, дека, што е најбитно, процесот на децентрализација отпочна. Значи, пренедсувањето на надлежностите во однос на она што ќе бидат нови ингеренции на општините законски е завршено, а останува тоа ефективно да профункционира на терен и тука реално имаме проблеми. Проблемите се, пред се, на техничко ниво и можам да кажам дека неделава која измина се соочуваме со низа проблеми. Но, во секојдневните контакти, со напорите што ги вложуваме, се трудиме тие проблеми да ги надминеме.

Кои се главните проблеми, може ли да посочите некој конкретно?

Ние ги лоциравме уште пред да станат проблеми. Значи, на некој начин како ЗЕЛС имавме свој став и тој став го искажавме. Главните проблеми оваа недела се пред се околу функционирањето на редарскиот систем од аспект на фискалната децентрализација, понатаму, околу преземањето на работниците кои доаѓаат во општините – и тука сме веројатно на прагот да ги решиме сите проблеми на почетокот на оваа недела. И, јас би кажал дека овие предизвици се нови и за општините, така што и кај нив има малку проблеми.

Колку реално надлежностите се префрлени од централната на локалната власт? На пример, во образованието. Едно објаснување: При избори на директори на основни и средни училишта, директорите на театрите во одредени општини, на здравствените домови... Колку локалната самоуправа – градоначалникот и општинскиот совет – навистина ќе влијаат врз одлуките?

Можам да речам дека законски е прецизирано како се пренесуваат надлежностите и тие се даваат на општините – во сферата на основното и средното образование, социјалната заштита, културата... Во здравството децентрализацијата е минимална, освен тие два члена во управните одбори што ќе ги имаат општините други немаат. Значи, и во сферата на полицијата, сите оние надлежности кои се даваат со законот, тие се нешта што и припаѓаат на општините и тие ќе имаат право и да поставуваат директори и да управуваат. Друго прашање е што во постапките кои ги следат соодветните закони, дадени се одредени услови како тоа може да се прави. И тоа и не е лошо што е така, бидејќи ако ние сега ан блок тргнеме само во именување на директори, ако почнеме само со тоа да се бавиме, можеме сериозно да го наруѓиме процесот на образование, а и на другите надлежности кои се пренесуваат. А тоа не е целта на децентрализацијата. Така што јас мислам дека тука е се јасно и тука нема непознати работи.

Споменавте услови. Дали тие услови подразбираат инволзираност на централната власт?

Не. На некој начин нормално е дека секоја власт сака да си се заштити себеси и никој не дава моќ и власт толку лесно. И веројатно и тие правеле некои калкулации како што подолго да си ги задржат ингеренциите. Но, ќе ви кажам , низ примерот во образованието, дека е логично дека директорите треба да се избираат на конкурс. И веќе еднаш треба да престане ова, јас би го нарекол лудило, во менување на луѓето во зависност од тоа на кои избори кој ќе добие. Треба да се цени стручноста и квалитетот. Никој не го спори правото на градоначалникот да именува, меѓутоа, тоа да биде на конкурс. Или, ако разрешува, да има зошто разрешува. Таму се наведени кои законски услови треба да се прекршат и кој е тој што треба да го даде предлогот за таква работа. Мислам дека во реалноста ќе се соочиме малку и со одредени проблеми, ќе имаме и обиди да се наметне својата волја, да се поставуваат свои луѓе, меѓутоа, апелот треба да биде до сите тоа пред се да биде во согласност со законот. Никој е за заштита таму каде што не се работи добро и тие директори да не се разрешат. Нека се разрешат, меѓутоа, тоа да биде во согласност со законот.

Колку општините се функционални единици, со оглед на фактот што, на пример, општинската зграда во некои општини што се поделија, сега на пример, на оние граѓани коишто останаа во едната општина им е многу подалеку отколку што тоа било претходно...?

Треба да се направи делбен биланс и оние општини каде што нема згради, тие треба да се направат. Еве, од КАРДС проектот на Европската Унија ќе се издвојат пари да се направат згради во Чаир и во Аеродром. Тоа се работи за кои веќе се размислува и со помош на странски донатори се интервенира и тука мислам дека работите ќе течат. Мислам дека она што доцниме е тоа што делбениот биланс досега требаше да биде завршен и тие работи да се направеа. И ние како градоначалници не можеме да инсистираме на некои ексклузивни простори, бидејќи и оние општини кои остануваат, гледате, остануваат во бараки и не се некакви ексклузивни простори, па ние сега да бараме луксузен простор за сместување на општините. Треба да се прифати она што е реалност.

Со оглед на фактот што се потребни финансиски средства, кога може да се очекува заокружување на овој процес, барем тие работи да се средат и да бидат во функција на граѓаните?

Колку што знам, веќе во неколку од овие општини изнајдени се соодветни решенија за сместување. Владата, односно државата е должна тоа да го обезбеди. Со делбениот биланс на луѓе и на инвентар и луѓето ќе си дојдат таму, така што тоа ќе може да функционира. Другото е вештина на градоначалникот – како тоа ќе го организира. Затоа што и ние не можеме вечно да се покриваме дека, ете, се е против нас, судбината е против нас. Ние и кога сме влегувале во одредена трка сме знаеле со што ќе се соочиме. Сме знаеле дека од една настануваат две општини, или дека се спојуваат три-четири општини во една, дека ќе наследиме долгови, дека во прво време ќе имаме мака со просторот. Тоа е се она што се нарекува пресметан ризик.

Кои се други специфични проблеми за овие општини? Или, во оние случаи кога повеќе општини се преточија во една општина – како таму ќе се делат долговите?

Општината која постои и која ги прифаќа другите општини ги презема и нивните долгови. Како што го презема и имотот, како што ја презема и територијата, така ги презема и долговите кои се направени.

Значи, треба да преземе се што се наоѓа не нејзината територија...?

Да. И тоа досега требаше да биде завршено. Ние и од ЗЕЛС им се обративме со писма за преземање на вработени, за преземање на објектите, тоа досега да биде завршено.

Го споменавте проблемот со вработените. Дали можеби ќе бидат потребни дополнителни ангажирања на кадри или овие се доволни? Кога може да се очекува заокружување на овој процес?

Дали ќе бидат доволни, тоа ќе видиме, ќе покаже времето. Она на што ние сега инсистираме е дека не може нам вештачки да ни се натури, од Министерството за транспорт и врски, да преземеме 400 луѓе. Максималната бројка што ние ќе ја преземеме – и за тоа постигнавме договор и со премиерот – е бројка од 200 луѓе. И тоа ние како ЗЕЛС ќе го испочитуваме и списокот веќе е испратен до Министерството за транспорт и врски за луѓе кои ние би ги преземале.

Кога може да се очекуваме затворање на дел од овие проблеми, како ЗЕЛС ќе помага?

Ние се трудиме максимум да помогнеме и добар дел од овие работи коишто се сработени, да речеме методологијата за распределба на ДДВ беше прифатена од владата на предлог од ЗЕЛС. Ја убедивме владата и премиерот да го прифатат нашиот предлог да бројката на вработени што ќе се преземат да се преполови, за статусот на пожарникарите – да ги убедиме дека треба да ги финансираат луѓето со дотации и дека не може да ги остават на општинските буџети. Исто така, одредени полемики што ги имаме сега со Министерството за образование околу висината на средствата за одржување на објектите. Тоа е се работа која ние сме ја направиле. Не велам дека ги решаваме сите проблеми, ниту можат сите проблеми да се решат наеднаш. Чекор по чекор ќе се трудиме да одиме согласно со некои приоритети.

Кои од отворените прашања се приоритет за наредниот период?

Има отворени прашања, посебно околу статусот на земјштето. Ние бараме градежното земјиште да се даде на општините. Парадоксално е тука обвинувањето кое го слушаме дека тогаш одредени фирми кои имаат сега побарувања од општините, ќе имаат најголема територија во државата, односно дека ним ќе им се дал имотот. Тоа не е така. Ние, ако сакаме да имаме развој и да ги враќаме долговите, ќе им дадеме на општините да го имаат земјиштето, меѓутоа, тие во согласност со закон, со лицитации, со јавна продажба, ќе имаат начин да ги враќаат своите обврски. Инаку, која е пак гаранцијата и убедливиот доказ дека досега државата што стопанисуваше со земјиштето, па немаше никакви малверзации. Секојдневието не убедува токму во спротивното.

Со оглед на сите проблеми, кога реално ќе можат да се дадат првичните оценки за тоа дали добро е испланиран процесот на децентрализација?

Веројатно ќе треба да почекаме и да не избрзуваме со заклучоци. Факт е дека овој процес ќе биде тежок и ќе има многу обврски. Но, јас мислам дека ако се има добра волја, еден по еден проблемите ќе се решаваат. Идеално испланиран процес на децентрализација нема, ниту во поразвиени земји, каде што помали количини на надлежности се децентрализираат, па има проблеми.

Може ли да дадете некоја временска рамка?

Мислам дека веќе наесен ќе можеме подетално да коментираме некои работи. Инаку, ние сакаме на секои 15 до месец дена да правиме еден вид на преглед на проблемите што се решени или не се решени. И јас се надевам дека во септември ќе констатираме дека најголем дел од надлежностите се ефективно пренесени.
XS
SM
MD
LG