Достапни линкови

Нема индиции за терористички активности


Во Македонија засега нема индиции за евентуални терористички активности, состојбата е безбедна, велат од надлежните институции во земјава

„Граничната полиција за сега нема регистрирано несекојдневни активности долж граничната линија. Инаку, во случај на најава или опасност, граничната полиција во доменот на своите надлежности постапува по план за засилено обезбедување на граничната линија,“

изјави Елизабета Петковска од Министерството за внатрешни работи. Ѓунер Исмаил член на националниот совет за безбедност смета дека ниту една земја, па ни Македонија не е имуна на терористички напади. Тој оценува дека земјава како дел од големата антитерористичка коалиција има извесен капацитет за справување со вакви активности

„Како членки на коалицијата, Македонија е вклучена во размена на информации, експерти итн. Тие напори треба да се засилат да има превензија на настаните.“

За информациите за присуство на исламскиот фундаментализам во земјава Исмаил вели:

„Тој тип нејасни информации се дел од стратегиите за дестабилизација, и не треба сериозно да се земаат. Треба да се земат како специјални операции насочени не само кон Македонија, туку и за нарушување на безбедноста пошироко.“

Безбедносни извори посочуваат дека присуството на исламскиот фундаментализам нема свои корени во Македонија, ниту на Балканот воопшто. Оттука додаваат тие, и во случај, помал број приврзаници да се наогаат во регионов и земјава немаат капацитет за спроведување на терористички активности.
XS
SM
MD
LG