Достапни линкови

Без сертификати за гаранција на квалитет македонските прехранбени производи не можат во Европа


Стандардите ХАСАП и ИСО 9001 мора да ги исполнуваат македонските фирми кои произведуваат храна ако сакаат да извезуваат. Со нив се заштитува потрошувачот и се гарантира дека производот е сигурен, квалитетен, здрав и безбеден, објаснува Митре Арсовски од македонското претставништво на швајцарската корпорација СГС која се занимава со проценка на квалитетот на производите:

„Критериумите се прецизно дефинирани во нормите на ХАСАП и претставува систем за контрола на храната и критичните точки. Значи не треба да има никакво загадување на храната и во секој момент купувачот треба да биде заштитен,“

Македонските фирми, вели тој, поседуваат квалитет но генерален проблем кај сите нив е што немаат документација за процесот на производство, а тој услов е потребен во земјите од ЕУ:

„Процесите не се документирани. Ние како менталитет, како народ, како луѓе од овие простори, повеќе работиме – ти реков, направи. Направив, не запишав никаде. Немаме документација. ХАСАП процесите бараат во секој момент да имаме точна евиденција за она што е направено,“

објаснува Арсовски.

Од министерството за економија велат, производителот што извадил потврда за ХАСАП стандард треба да достави вирман за средства, а потоа државата му помага:

„Министерството за економија покрива 50 насто од трошоците, но не повеќе од 200,000 денари по деловен субјект. Тоа значи дека трошоците што ги покрива се тие што се однесуваат за надоместоците за консалтинг куќите кои ги подготвуваат фирмите за овие ХАСАП стандарди,“

вели портпаролот на министерството Џемаил Незири.

И фирмите кои имаат стандарди и сертификати сметаат дека иако процедурата понекогаш е долготрајна и чини пари, тие мора да ги имаат, инаку ќе останат на македонскиот пазар, кој е мал.
XS
SM
MD
LG