Достапни линкови

Употребата на знамињата на други држави против уставно


Предлог законот за употреба на симболите на етничките заедници во Македонија што е една од последните обврски што произлегуваат од Рамковниот договор, денеска влегува во парламентарна процедура. Опозициските партии, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, велат дека владиниот предлог е против уставен. За едни се загрозува државниот суверенитет и интегритет, а за другите пак, не смее да се ограничува процентуално кој може, а кој не може да го употребува своето знаме. Рамковниот договор пак, според експертите, не го дефинира до крај начинот како и кои симболи би ги употребувале етничките заедници во Македонија:

„Во амандманот осум се регулира правото на употребата на симболите на припадниците на заедниците. Уставниот амандман не навлегува во таа област и не кажува прецизно како треба да изгледа знамето. Препуштено е на самата етничка заедница за тоа прашање да одлучи. Но, имајќи предвид дека членот пет од Уставот, не е изменет, со којшто се регулира употребата на државното знаме, може сосема оправдано да се постави прашањето што ќе биде ако одредена етничка заедница за знаме избере знаме кое што веќе е знаме на некоја друга држава. Ако тоа се случи, тогаш ќе дојде во судир таквата законска одредба со членот пет од Уставот,“

вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ, кој додава:

„Етничките заедници имаат право на симболи, но при одбирањето на симболите мора да водат сметка нивниот симбол да не биде во судир со членот пет од Уставот на Репулбика Македонија.“

Инаку, само неколку дена пред почнувањето на расправата во Собранието и владеачката ЛДП најави дека ќе гласа против владиниот предлог. Пратениците на оваа пратеничка група најавуваат голем број амандмани, ако не се прифатат, како што велат, тогаш и тие ќе гласаат против.
XS
SM
MD
LG