Достапни линкови

Креирање глобален фонд за развој на лекови


Нобелови лауреати, доктори, научници и истражувачи од целиот свет деновиве побараа од политичките лидери да креираат глобален фонд за развој на лекови за третирање на таканаречените запоставени заболувања што убиваат милиони луѓе во Третиот свет. Во повикот се наведува дека фармацевските фирми прават многу малку со цел да откријат соодветни лекови за маларијата и туберкулозата, наменети за земјите кои немаат доволно средства да ги купат постојните.

Секоја година, милиони луѓе во сиромашните земји умираат од заболувања кои лесно можат да бидат спречени. Тие умираат затоа што лековите кои можат да ги спасат нивните животи не им се достапни или воопшто ги нема. Постојат две категории на таканаречени запоставени болести. Во едната се оние, како туберкулозата, за кои постојат лекови кои се ефикасни само за Западните земји, но не и за сиромашните каде што има лоши хигиенски услови. Во втората категорија се болестите, како маларијата, ендемични за екваторијалните земји во Латинска Америка, Азија и Африка. За ваквите заболувања постојат само неколку лекови кои се откриени одамна, односно во времето на Европскиот колонијализам и сега не се многу ефикасни. Бернард Пекул кој ја предводи групата научници и лекари вели дека светските влади треба да донираат околу три милијарди долари со цел да се откријат нови лекови кои ќе помогнат да се спасат десетици милиони животи. Апелот доаѓа само неколку недели пред годишниот самит на групата осум најразвиени земји во светот на кој ќе стане збор за сиромаштијата во светот. Пекул додава дека модерните фармацевтски компании кои годишно тршат по стотици милиони долари за откривање на нови лекови, не се заинтересирани за лекови наменети за сиромашните земји.

„Мислам дека она што денес е јасно е тоа што овие болести погодуваат многу луѓе, но сите од нив живеат во земјите во развој кои пак не претставуваат голем профит за компаниите. Овие земји никогаш нема да се најдат во бизнис планот на фармацевтските компании.“

Вели Пекул, додавајќи дека некои лекови, како за спијачката болест, инфекциско, паразитско заболување, потекнуваат од деветнаесетиот век и се толку примитивни што се поопасни од болеста.

„Денес во целиот централен дел на Африка има илјадници и илјадници луѓе заболени од оваа болест која се уште се третира со деривати на арсеникот кој е екстремно отровен.“

Но, тоа не е случај само со Африка. Инфекциските болести како туберкулозата се во пораст и во Русија, Украина, Централна и Јужна Азија.

„Проблемот со туберкулозата е апсолутно проширен. Луѓето не се свесни. Секои неколку секунди некој во светот се заразува. Така секоја година имама по осум милиони нови случаи од кои околу три милиони луѓе умираат. Тоа е застрашувачко.“

Вели Грахам Рок професор по имунологија во Центарот за инфекциски заболувања при лондонскиот универзитет.
XS
SM
MD
LG