Достапни линкови

Односите меѓу двете земји на исклучително ниво


Односите меѓу Македонија и Србија се на исклучително високо ниво, и без разлика на последните случувања помеѓу МПЦ и СПЦ, тие ќе се одвиваат со тенденција на подобрување, ова е заклучокот од средбата меѓу српскиот претседател Борис Тадиќ и неговиот македонски колега претседателот Бранко Црвенковски, на чија покана Тадиќ допатува во земјата. Билатералните односи, регионалната соработка, европската и евроатлантската интеграција се дел од темите на кои двајцата претседатели разговарале. Заедничката соработка во борбата против организираниот криминал и демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово биле теми за кои исто така било дискутирано. На средбата станало збор и за последната одлука на СПЦ за признавање на Охридската архиепископија на Зоран Вранишковски. Според претседателот Црвенковски, односите меѓу двете земји се одлични, а последните потези кои ги повлече СПЦ се во директна спротивност со евро интегративните заложби и претставува рушење на духот на пријателските односи меѓу двете земји. И Тадиќ се согласува дека односите се одлични, потенцирајќи дека е важно подобрување на економските односи, и подобрување на стандардот на граѓаните. Според Тадиќ Србија има најдобри намери кон македонскиот народ и српскиот народ не ја оспорува самобитноста на Македонците, но како што црквата не може да донесува одлуки наместо држжавата, така ни државата не може да донесува одлука наместо црквата. Негов став како претседател на Србија е дека спорот меѓу црквите треба да се реши во рамките на црквите. Тоа не смее да влијае на државните односи, а особено не на односите помеѓу граѓаните на Србија и Црна Гора и Македонија. Тадиќ вчера попладне го посети местото на Галичица каде што се снимаат сцени од филмот Караула, а кој претставува копродукција на продуцентски куќи од поранешните југословенски републики. По посетата двајцата претседатели изјавија дека Македонија и Србија треба да ја продолжат и прошират соработката.
XS
SM
MD
LG