Достапни линкови

Странските директни инвестиции во Централна, Источна и Југоисточна Европа годинава ќе стагнираат


Странските директни инвестиции во Централна, Источна и Југоисточна Европа годинава, ќе стагнираат. Ова се оценува во најновиот извештај на Виенскиот Институт за меѓународни компаративни економии, во кој се додава дека лани ваквите инвестиции достигнаа рекордно ниво.

Во минатата година, според податоците на Институтот за меѓународни компаративни економии во сите три региони: новите членки на Европската Унија, Југоисточна Европа и европските членки на Заедницата на независни држави, имало голем пораст на директните инвестиции. Овие земји, како што се прецизира, забележале рекордни триесет и пет милијарди евра директни инвестиции. Тоа пред се се должи на малите трошоци и на можноста за висок профит во овие региони, кои, како што се додава во извештајот, и натаму продолжуваат да го привлекуваат интересот на надворешните инвеститори. Сепак, експертите на Институтот сметаат дека нема да дојде до тоа. Но, како образложение за ваквото нивно очекување не го наведуваат недоволната бизнис клима во тие региони, туку забавените економии на западните индустриски земји. Според нив, тоа е главната причина поради која западните фирми стануваат се подестимулирани за позасилено инвестирање не само во овој дел на Европа, ами и воопшто. Во извештајот на Институтот се прецизира дека водечки земји во привлекувањето на странски капитал, според инвестициите по глава на човек, продолжуваат да бидат Естонија, Чешката Република и Унгарија. Во изминативе петнаесет години во овие три држави директните странски инвестиции изнесуваа за два пати повеќе отколку во сите други земји заедно. Што се однесува до Југоисточна Европа, најмногу западните бизнисмени се заинтересирани за Бугарија и Романија, земји кандидати за членки во Европската Унија. Западниот Балкан, како што се наведува во извештајот, во минатата година забележал релативно мал прилив на странски капитал. Како земји кои имале растечки тренд се наведуваат Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, додека значајни редукции имало во Србија и во Хрватска. Земји кои лани најмногу инвестирале во Југоисточна Европа се Австрија, Холандија и Германија, се наведува во најновиот извештај на Виенскиот Институт за меѓународни компаративни економии.
XS
SM
MD
LG