Достапни линкови

Отфрлен Европскиот Устав


61,6 насто од холанѓаните кои вчера гласаа, го отфрлија Европскиот Устав, а одзивот беше невообичаено висок за Холандија, околу 63 насто. Премиерот Јан Петер Балкененде изрази разочароност од исходот на референедумот.

„Се разбира дека сум разочаран, како и многу други луѓе, но има и добри вести, како високиот одзив и енергичната дебата за ова прашање. Ќе им кажам на моите европски колеги дека мора да го земат предвид холандското НЕ за Уставот.“

Дел од холандските пратеници, кои се противници на европскот Устав, изразија задоволство од фактот што холанѓаните за прв пат во последниве 50 години, на референдум имаа можност да го кажат своето мислење за одредено прашање во врска со Европската Унија. Герт Вилдерс оцени дека пораката е јасна.

„Ние треба да останеме во Европската Унија, треба да работиме заедно во Унијата, но холанѓаните јасно кажаа дека се за економска соработка во Европа, но не сакаат создавање политичка федерална суперсила.“

Во седиштето на Европската Унија во Брисел, главно слични реакции како и по негативниот исход за Уставот во Франција, односно дека процесот на ратификација во другите земји членки, треба да продолжи. Претседателот на Европската Комисија Хозе Мануел Баросо ги повика европските лидери да се воздржат од унилатерални потези.

„Мислам дека мора да побараме од сите земји членки да се воздржат од унилатерални одлуки во врска со Уставот. Европските лидери треба да завземат заеднички став што понатаму на самитот на Унијата на 16-ти и 17-ти јуни.“

Меѓутоа, Британскиот министер за надворешни работо Џек Строу изјави дека со отфрлањето на Уставот во Франција и во Холандија се отвора клучното прашање за идните насоки на Унијата. Во меѓувреме, денеска парламентот на Летонија го ратификува Европскиот Устав, со што стана 10-тата земја членка во која е усвоен, но, како што е познато, за да сатпи во сила мора да биде ратификуван во сите држави на Европската Унија.
XS
SM
MD
LG