Достапни линкови

Лоша вест за сите земји претенденти за членство


Негативниот исход од референдумот за Уставот на Европската Унија во Франција, е лоша вест за сите земји кои претендираат членство во европската заедница, што имено е стремеж и на македонската влада, вака го коментира влијанието од француското „НЕ“ врз идните членки на Унијата, професорот Биљана Ванковска.

„Лесно може да се претпостави дека во наредниот период ЕУ ќе мора да се занимава со себе си. Сега основно прашање е дали останатите држави ќе продолжат со ратификација. Се пролонгира периодот. Она што е важно е дека овој устав на извесен начин беше инспириран од потребата да се најде пофункционален начин на дејствуввање на Унијата, со зголемениот број членки и популација.“

Во оваа насока, најзначајната последица која може да се очекува, според професор Ванковска е можноста за одложување на процесот на евентуален прием на Македонија во европското семејство.

„Знаејќи го искуството на Туција, а верувам во случајов во таква ситуација ќе се најдат повеќе земји, вклучувајќи ја и нашата, фазата од земја кандидат, до земја член може да трае неизвесно долго.“

Во македонската Влада пак, се оптимисти дека иако на ЕУ ќе и треба време за внатрешно консолидирање, тоа нема да се одрази врз задоцнувањето на одговорот од Унијата на македонскиот прашалник што се очекува за ноември годинава:

„Не очекуваме забавување, иако рака на срце, не може да не сметаме на тоа дека ЕУ мора да се концентрира и да ги среди работите внатре во ЕУ,“

потенцира Драган Тилев, од Секторот за евроинтеграции.

Без разлика на можните негативни последици од француската одлука за референдумот и случувањата во ЕУ, македонија продолжува со реформите во процесот на евроинтеграција, децидни се во македонската влада.
XS
SM
MD
LG