Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан се очекува да го истакне прогресот во исполнувањето на стандардите на Косово, за што извештај ќе поднесе шефот на УНМИК Сорен јесен Петерсен. На седницата ќе присуствува и претставникот на Србија Небојша Човиќ кој ќе ги пренесе ставовите на Белград, кој главно ја оспорува позитивната оценка на УНМИК за напредокот во исполнувањето на стандардите. Агенциите јавуваат и дека Анан ќе повика на дијалог меѓу Белград и Приштина, како и дека ќе изрази загриженост во врска со безбедносната ситуација и присуството на, како што се вели, екстремистички елементи, на Косово. Од кабинетот на косовскиот претседател Ибрахим Ругова сметаат дека на денешниот состанок, Советот ќе утврди агенда, кој ќе го трасира патот за независност. Од друга страна, официјален Белград ја отфрла можноста Косово да добие независност и се залага за некаква форма на автономија. Балканскиот регион, вклучувајки го и Косово, од почетокот на војните во Авганистан и во Ирак не беше во фокусот на интересот на меѓународната заедница, но месецов Соединетите Држави зазедоа став дека решавањето на косовоското прашање треба да се забрза. Евентуалното пропаѓање на планот за создавање мулти-етничко Косово, ќе значи пропаѓање и на сите напори на меѓународната заедница во последната декада во тој регион, изјави американскиот државен потсекретар Николас Барнс. Тој истакна дека финалниот статус на Косово мора да биде базиран врз мулти-етничност, целосно почитување на човековите права, вклучувајки го и правото на сите бегалци и расселени лица, безбедно да се вратат во своите домови.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете