Достапни линкови

Владите не успеваат да промовираат принципиелно раководење


Амнести Интернешнл во најновиот извештај наведува дека владите не успеваат да промовираат принципиелно раководење кое ќе придонесе за подобар поредок во светот базиран врз почитувањето на човековите права. Во извештајот објавен денеска Амнести додава дека глобалната војна против тероризмот била поефикасна во кршењето на човековите права, отколку во справувањето со насилството.

Во извештајот особено се критикуваат Соединетите Американски Држави, особено за невештото и неправилно истражување на наводите за злоставување а затворениците во ирачкиот затвор Абу Граиб, во оној на Гвантанамо на Куба, како и во базата Баграм во Авганистан. Иран Кан е генерален секретар на Амнести Интернешнл. Таа вели дека две илјади и четврта година е карактеристична и по тоа што владите ги изневериле и ветувањата дека ќе бидат подобрени чобековите права во Ирак, Авганистан, Чеченија и Судан:

„Земете ја ситуацијата во Дарфур, каде што Советот за безбедност на Обединетите Нации не успеа да преземе акција и покрај извештаите дека таму се зголемува кршењето на човековите права. За тоа е одговорна владата на Кина која е заинтересирана само за суданската нафта. Одговорност има и руската влада која му продава оружје на Судан. Американската влада пак, иако оцени дека во Дарфур се спроведува геноцид сепак не презеде никаква ефективна акција.“

Кан додава дека особено Соединетите Држави, како најголема светска супер сила не успеале да ја исполнат преземената улога за востанување на стандардите на почитувањето на човековите права во светот. Инаку, во извештајот на Амнести се поместени оценките за состојбата во оваа сфера во сто четириесет и девет земји од Авганистан до Зимбабве. Во него се оспорува тврдењето на руската влада дека состојбата во Чеченија се нормализира.

„Јасно е дека имаше многу длабоки злоставувања од страна на чеченските сепаратистички групи, особено во Беслан што е за секаква осуда. Но, исто така имаме извештаи дека владините сили вршеле злосторства врз чеченските цивили.“

Вели Брендан Педи од Амнести Интернешнл во чиј извештај исто така се критикуваат и милитантните групи и сојузничките сили во Ирак за кршење на тамошните човекови права. Критики има и за Узбекистан, Казахстан, Ерменија. Од друга страна Амнести посочува дека во минатата година имало некои земји и региони каде што бил забележан прогрес во оваа сфера. Како примери се наведени Украина и Блискиот Исток.
XS
SM
MD
LG