Достапни линкови

Брзото решавање на косовскиот статус во корист на Македонија


Го поддржуваме пристапот на меѓународната заедница за решавање на проблемот со статусот на косовското прашање. Поддржуваме секаков дијалог меѓу Приштина и Белград со посредство на меѓународната заедница во насока на обезбедување на демократските институции и обезбедување на граѓанските и малцинските права во Косово, ова е коментарот на македонското министерство за надворешни работи околу работите за дефинирање на статусот на покраината, посебно по промовирањето на планот од страна на американскиот Стејт Департмент за иднината на покраината, а воедно и најавите за приоритетноста на Балканот годинава во американската политика. Наспроти официјалните институции, домашните експерти велат дека брзото решавање на прашањето околу дефинирањето на косовскиот статус ќе бидат во корист на Македонија и целиот регион воопшто. Во оваа насока, професор Димитар Мирчев изјавува:

,,Секое ангажирање однадвор, особено на таков фактор како САД е добро. Мислам дека на Македонија и одговара што побрзо, поефикасно, подемократско решавање на тој проблем,”

изјавува професор Мирчев.

За тоа кои се придобивките за државава од ангажирањето на САД за решавњето на ситуацијата на Балканот со цел забрзување на процесот на евро интеграција, пред се преку дефинирање на статусот на Косово, професор Мирчев вели:

,,На Македонија и е сеедно дали Косово ќе има ваков или онаков статус. Се разбира не и е сеедно дали тоа ќе биде една држава, територија, провинција која ќе биде нестабилна и недемократска.”

Секое ангажирање на Балканот и решавањето на косовскиот проблем поединечно и според професорот Назми Малиќи е во позитивна насока, бидејќи според него ова прашање предолго се одолговлекува и треба да биде решено пред да ескалира.

,,Во интерес на разрешувањето на кризите и недоразбирањата на балканските простори, тоа е во интерес и на земјите околу Косово, што секако ќе значи подолготрајна стабилност на овие простори.”
XS
SM
MD
LG