Достапни линкови

Најголем предизвик за узбекистанскиот претседател Каримов


Многу прашања се отворија по последните настани во Узбекистан. Почнувајќи од прашањето: кој стои зад насилните протести во Андиџан, преку она: зошто силите за безбедност отворија оган до: колкумина се убиени. За да бидат одговорени ќе треба многу време. Сепак, едно е сигурно: ова насилство беше едно од најголемите предизвици со кои досега се соочи узбекистанскиот претседател Ислам Каримов.

Претседателот Каримов за проблемите во источниот дел на земјата ги обвини исламистичките радикални групи.

„Практично ги имаме сите имиња на членовите на Хизб ут Тахрир во Андиџан. Нивна главна цел е да го урнат уставниот поредок и да формираат калифат во кој ќе бидат обединети сите исламисти. Ова движење е против сите видови уставни институции и против секуларниот развој.“

Меѓутоа, дел од добрите познавачи на состојбите во Узбекистан не се сигурни во објаснувањето на Каримов дека последните настани во Андиџан се последица од долгогодишната конфронтација меѓу Ташкент и исламистичките групи. Аналитичарот Даниел Кимејџ вели дека досега не бил понуден никаков доказ оти немирите ги организирале исламистите.

„Знаеме дека искрата дојде од луѓето кои зедоа оружје во нивните раце и го нападнаа затворот и воениот гарнизон со намера да предизвикаат насилство. Тоа е факт. Но, ние немаме сигурен доказ дека тие луѓе биле членови на некоја радикална исламистичка група.“

Насилството почна во петокот кога по нападот на затворот во Андиџан меѓу ослободените затвореници биле и дваесетина локални бизнисмени под обвинение дека и припаѓале на забранетата група Акрамија. Оливер Рој кој е експерт за Азија во Националниот центар за научни истражувања со седиште во Париз вели:

„Не ја знам вистинската агенда на овие групи. Но, јасно е дека демонстрациите беа водени од родителите и семејствата на затворениците. Тоа ми се чини повеќе беше спонтан, отколку политички мотивиран протест.“

Според експертите, во Андиџан и порано имало протести кои пред се биле мотивирани од економските проблеми со кои се соочува регионот Фергана. Многумина сметаат дека политиката на Каримов на централизирано стопанисување им дава премногу моќ на владините претставници. Сепак, главното прашање е дали во Узбекистан на настаните во Андиџан ќе се гледа како на народно движење или на исламистички бунт, односно дали владата со употреба на сила ќе ги обесхрабри натамошните такви протести.

„Каримов всушност нема излезна стратегија. Тој е заглавен. Тој е жртва на својата сурова политика.“

Вели Адолат Наимова, шеф на Узбекистанската редакција на Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG