Достапни линкови

Победа на Лабуристичката партија на Тони Блер


Лабуристичката партија на премиерот Тони Блер е победник на вчерашните парламентарни избори, со што по трет пат едно-подруго ќе владее со земјата. Лабуристите освоиле 353 места, Конзервативците 194, а Либерал-демократите 59. Сепак, Лабуристите остварија послаб резултат во однос на претходните парламентарни избори, главно опради војната во Ирак.

Британскиот премиер Тони Блер ја објави историската победа на изборите, бидејки за прв пат Лабуристите трипати едно-подруго ќе ја формираат владата.

„Го добивме мандатот да владееме во земјата уште еднаш. Да, некои наши пријатели не беа избрани, но сепак постигнавме одличен резултат.“

Блер додаде дека ова ќе биде негов последен мандат како премиер, истакнувајки дека е свесен дека послабиот резултат на овие избори е последица на непопуларната одлука за приклучување во воената интервенција во Ирак.

„Знам дека Ирак беше прашање кое ја подели земјата, но се надевам дека повторно ќе се обединиме во интерес на иднината.“

Лидерот на Конзервативците Мајкл Хауард го призна поразот, но изјави дека неговата партија направила голем скок во однос на претходните избори.

„За Конзервативната партија, мислам дека она што се случи на овие избори е значаен чекор кон зајакнување и јас сум горд на нашата кампања.“

Аналитичарите оценуваат дека и покрај историската победа на Лабуристите, за нив претсои тежок период. Прво, помалото мнозинство ќе му ја отежне работата на Блер, особено што и во неговите редови сеуште има противници на војната во Ирак, и второ, може да се очекува, порано или подоцна смена на Тони Блер, а како можен кандидат за неговото место се смета сегашниот министер за финансии Гордон Браун.
XS
SM
MD
LG