Достапни линкови

Релаксирање на монетарната политика, структурни реформи и создавање поволна бизнис клима за развој


Македонија мора да ја релаксира постојната монетарна политика. Тоа значи, отпуштање на инфлационата спирала од постојните 1,5 до маргините од пет до девет насто. На овој начин ќе се изврши удар врз високите каматни стапки. Според експертите, единствениот потег кој може да предизвика позитивни рефлексии врз инвестициониот циклус:

„Стапките на инфлација, од 1 насто, 0,5 насто, што се граничат со дефлација или реална дефлација е опасна за економијата,“

е ставот на академик Таки Фити.

Релаксирањето на монетарната политика нема да има никаков ефект, доколку Македонија не ги спроведе структурните реформи, не создаде поволна бизнис клима и не изврши реформи во судскиот систем.

„Во моментов мое длабоко уверување е дека структурните реформи се многу битни за економијата. Без структурни реформи, тешко ќе постигне било што,“

вели професорот од Економскиот институт, Димитар Ефтимов.

Зачмаената македонска економија, нема да се раздвижи се додека не се придвижат домашни и странски инвестиции. А, тие засега не доаѓаат, поради недовербата во институциите на системот:

„Големата корупција, митото, меѓутоа и непотизмот и партиските влијанија во разни сегменти, па и во институциите, сето тоа придонесува за намалување на ефикансостна на институциите, а со тоа и домашните инвестиции,“

е ставот на Марија Зарезанкова од Министерството за економија.

Според економските експерти структурните реформи на долг рок сигурно ќе донесат позитивни резултати, но во меѓувреме жртви ќе има:

„Структурната реформа е посложен процес од процесот на приватизација. Тоа значи дека голем број вработени ќе останат без своите работни места, многу повеќе отколку што тоа беше во приватизацијата,“

вели Ефтимов.

Со раст на БДП од 2,5 насто на Македонија и се потребни 40 години за да го дуплира домашниот производ:

„Посилни стапки на раст на Македонија се меѓу пет и шест насто кои што по мое длабоко убедување може да бидат достигнати,“

вели Фити.

Тезата дека е неопходно релаксирање на монетарната политика, експертите веќе му ја образложиле и на премиерот, а понудените решенија од страна на економскиот советнички тим во писмена форма веќе се испратени до преговарачките тимови на ММФ и Светската Банка, од каде се чека нивниот одговор.
XS
SM
MD
LG