Достапни линкови

Станува јасно дека национализмот не носи просперитет


Пред шест години во Бања Лука, на денот на неговиот четириесет и петти роденден, Жељко Копања влезе во својот автомобил и кога го стартуваше, експлодира бомба. Уредникот на Независне Новине остана без две нозе, а за експлозијата ги обвини српските безбедносни служби како обид да го спречат да објавува текстови за воените злосторства извршени за време на војната во Босна. Шест години потоа, Копања, како што се наведува во текстот на Њујорк Тајмс, вели дека е сведок на значајна пресвртница на настаните: Владите во регионот во потрагата по патишта за зацврстување на врските со западот, преземаат акции против оние што тој во неговите текстови ги посочувал како одговорни за воените злосторства. Во изминативе три месеци српската влада и властите на Република Српска трансферираа во Хаг единаесетмина срби обвинети за нивна вклученост во воени злосторства. На трибуналот, денеска ќе му се предаде и генерал Небојша Павковиќ, командант на Југословенската Армија за време на конфликтот на Косово. ,,Оние што ме означуваа како предавник и шпион денес веруваат во мојот животен концепт, наведува Копања, додавајќи дека тие сега станале најголеми поддржувачи на Независне Новине. Иако тоа не ми се допаѓа, вели тој, сепак покажува дека во регионот се случила голема и важна промена. И додека се уште многумина срби, на обвинетите од Хашкиот трибунал гледаат како на херои, подготвеноста на нивните влади да ги предадат на Трибуналот, како што се вели во текстот, покажува дека слабее национализмот во регионот. Според дипломатите и политичките аналитичари, ваквата промена е резултат од меѓународниот притисок, но и од тоа што локалните политичари сфатиле оти економиите на нивните земји ќе се подобрат само доколку станат членки на Европската Унија и НАТО. Придобивките од ваквото членство станаа поевидентни откако Бугарија и Романија за само две години дојдоа пред вратата на Евроспката Унија. Пред неколку дена Европската Комисија ја награди Србија со препорака за да започнат разговорите со Белград околу Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што претставува првиот чекор кон членството. Тоа пак, како што се наведува во Њујорк Тајмс, ќе биде невозможно, се додека на Хашкиот трибунал не му бидат предадени најбараните Ратко Младиќ и Радован Караџиќ. Конзервативците, вклучувајќи го и премиерот Воислав Коштуница, велат дека е тешко да се соработува со Хаг, бидејќи со тоа ќе се зацврсти позицијата на националистичката Српска Радикална Партија која има најмногу пратеници во парламентот. Всушност националистичките партии излегоа како победници и на изборите во соседните Босна и Хрватска. Но, по се изгледа дека во луѓето во регионот им станува јасно дека национализмот не им носи просперитет. Караџиќ и Младиќ се помалку и помалку се херои, а се повеќе и на луѓето им претставуваат психолошки и економски товар, ги цитира Њујорк Тајмс зборовите на Жељко Копања, уредник на Независне Новине од Бања Лука.
XS
SM
MD
LG