Достапни линкови

Фокус врз мировниот процес на Блискиот Исток, Авганистан и статусот на Косово


Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на неформалниот состанок во главниот град на Литванија, Вилнус, главно се фокусирани врз мировниот процес на Блискиот Исток, мисијата во Авганистан и идниот статус на Косово. Претпладнето во Вилнус НАТО и Русија потпишаа договор за воена соработка.

Генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер денеска потврди дека неформалните разговори на министрите се посветени на дефинирање на улогата на Алијансата во мировните мисии во неколку кризни региони во светот.

,,Убеден сум дека нашите неформални дискусии денеска за Авганистан, за Косово, Грузија и за други прашања што ќе бидат поставени, ќе значат нов импулс на нашите напори за градење политички консензус.”

Состанокот започна синоќа, кога за време на заедничката вечера станало збор за евентуалното учество на НАТО во мировниот процес на Блискиот Исток. Бил постигнат консензус за подршка на мировниот план, но без конкретни опции, а засега се отфрла и можноста од испраќање НАТО мировници, како на Балканот. Франција уште претходно стави јасно до знаење дека е против какво било учество на Алијансата на Блискиот Исток. Денеска, во рамките на состанокот, НАТО и Русија потпишаа договор со кој се овозможува одржување заеднички воени вежби, како и трансфер на силите на НАТО низ руска територија и обратно. Генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер овој договор го оцени како пресвртница во односите со Русија.

,,Имам задоволство да го поздравам овој конкретен пресврт во практичната соработка меѓу НАТО и Русија. Ова е јасен сигнал дека нашите односи се на добар пат.”

Овој договор, за да стапи во сила, треба да биде ратификуван од руската Дума. Одвоени разговори со министрите на НАТО ќе има и украинскиот шеф на дипломатијата Борис Тарасјук. Инаку, Литванскиот министер за надворешни работи Антанас Валионис, кој е домаќин на состанокот, изјави дека вратите на НАТО треба да останат отворени за државите од Источна Европа кои ќе спроведат реформи и ќе ги прифатат евро-атланските вредности.
XS
SM
MD
LG