Достапни линкови

Почнува изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква


Денеска попладне почнува изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква во која има над милијарда и сто милиони верници. Станува збор за познатата конклава на која, по смртта на Папата Јован Павле Втори, ќе биде избран двесте шеесет и четвртиот наследник на Свети Петар.

На конклавата овој пат ќе има сто и петнаесет кардинали со право на глас од пеесет и две земји во светот. Според апостолскиот Устав, само оние под осумдесет години можат да гласаат за нов папа. Претходно кардиналите ќе дадат заклетва дека ќе ја одржат тајноста на гласањето. Впрочем самиот збор конклава на латниски значи под клуч. Годинава се воведени и посебни мерки за заштита од прислушкувањето во Сикстинската капела каде што одржува конклавата. Имено, крадиналите ќе бидат заштитени со електромагнетско поле кое оневозможува евентуално видео или аудио снимање на текот на гласањето. Крадиналите денеска по утврдувањето на кандидатите за нов папа треба да решат дали денеска ќе почнат да гласаат или тоа ќе го остават за утре. Гласањето се врши четири пати дневно, двапати наутро и двапати навечер. Гласачките ливчиња потоа се палат, а од тоа каков чад ќе излезе од оџакот крај Сикстинскта капела ќе биде познато дали е одбран новиот понтиф. Црниот чад, се добива со посебни хемикалии, значи дека изборот бил неуспешен. Белиот чад пак, покажува дека новиот папа ги добил потребни две третини од гласовите, односно во случајот седумдесет и седум. Конклавата обично трае три до четири дена. Најкратката беше во илјада деветстотини триесет и деветата кога за дваесет и четири часа, во третиот круг на гласање. беше избран Пиј Дванаесетти. Најдолгата конклава траеше четири дена и по четиринаесет гласања во илјада деветстотини дваесет и втората година беше избран папата Пиј Единаесетти. Инаку, по белиот чад, еден од кардиналите излегува пред верниците на Плоштадот Свети Петар во Ватикан и изговара Хабемус Папам, или ,,Имаме Папа,,. Новиот поглавар веднаш избира духовно име и потоа заминува во посебна просторија позната како Соба на солзите каде што, според традицијата, плаче пред задачата што го чека. Најсериозни кандидати за нов папа се водачот на конзервативната струја, германскиот кардинал, седумдесет и осум годишниот Јозеф Рацингер инаку, водач на моќната конгрегација за верска доктрина, која е наследничка на озлогласената средновековна инквизиција и лидерот на реформистите, миланскиот надбискуп Карло Марија Мартини кој е на иста возраст со Рацингер.
XS
SM
MD
LG