Достапни линкови

Без концепт за потребите на Македонија


Одлуката на владата за отпочнување постапка за доделување под концесија на скопскиот и на аеродромот во Охрид, не е поткрепена со коцепт и идеја каков аеродром и треба на Македонија, коментираат поранешните директори на аеродромите во земјава, по предлогот на владата, двата аеродроми да одат на концесија:

„Не постои стратешки план како ќе се развиваат аеродромите, за да се бараат од концесионерите, 50 милиони евра за скопскиот аеродром,“

коментира Зоран Крстевски, поранешен директор на аеродромот во Скопје.

„Владата донесе одлука да ангажира консултант да се изработат сите критериуми за тендерската документација,“

вели актуелниот директор на аеродромот во Скопје Орхан Рамадани.

Според Рамадани, предмет на концесинирањето на аеродромот во Скопје, би била целокупната инфраструктура во траење од минимум 20 години, за да може, како што вели, сите инвестиции да се реализираат.

„Не е проблемот дека треба да се модернизира. Треба да се менува и начинот на менаџирање. Бидејќи, скопскиот аеродром во опкружувањето ги има сите аеродроми кои одат на концесија и тоа како ќе бидат конкурентни. Односно, со зголемување на терминалната зграда, би се овозможило подигање на нивото на нашите услуги од една страна, сигурно и да има инвестиции кои ќе овозможат зголемување на комерцијалните дејности односно приход.“

Зоран Крстевски, поранешен директор на аеродромот Скопје смета дека не постојат показатели зошто е потребно главниот национален аеродром да се дава под концесија:

„Треба да се инвестира не во терминалната зграда, туку во подигањето на категоријата на аеродромот, односно во полетно слетната патека. Тоа е сосема и многу повеќе од 50 милиони евра, и без учество на државата тоа тешко може да се направи.“

Според Крстевски, подобро е решение прво државата да го реши сопственичкиот статус на аеродромот.

„Односно, да биде интересен за инвестирање по пат на акционерство. Тука би бил и градот заинтересиран, а и банки и авио компании и сите оние кои во профитабилноста ќе најдат интерес. Вака, работата ќе оди по линија на помал отпор и не знам на што ќе се сведе изнајмувањето на аеродромот.“
XS
SM
MD
LG