Достапни линкови

Во вториот изборен круг избрани се 49 градоначалници


Oд 57-те општини каде што се одржа вториот круг од локалните избори, избрани се 49 градоначалници, соопшти синоќа Државната Изборна Комисија. Според обработените податоци на комисијата, Коалицијата За Македонија заедно, освоила 21 градоначалничко место, опозиционата коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ 15, Демократската Унија за интеграција 7, ВМРО НП 2, коалицијата ДПА ПДП 1 и група избирачи 3 градоначалнички места. Инаку, неколку часови по завршување на гласањето и изборните штабови на политичките партии излегоа со свои резултати за освоените градоначалнички места. Коалицијата За Македонија заедно, соопшти дека во овој круг освоила 25 градоначалнички места, односно со освоените 12 во првиот изборен круг, вкупно 37 градоначалници. Премиерот и лидер на СДСМ Владо Бучковски во неговата оценка за изборите и сериозните обвинувања за повеќе инциденти, кои во текот на денот доаѓаа од опозицијата изјави:

„Денеска во Република Македонија имавме европски избори. Изолираните инциденти не влијаат на резултатот, затоа што беа попречени обидите на четворица насилници во Прилеп, четворица насилници во Бутел и веројатно уште неколкумина во 15-тина други избирачки места во Република Македонија.“

ВМРО ДПМНЕ од здружената опозиција, според нивните пресметки во овој круг на гласање, како што информираше, освоила 17 градоначалнички места, плус едно од првиот изборен круг, вкупно 18 градоначалници. Опозцијата како што соопшти, освоила победа и во околу 5 скопски општини, наспроти едно во општината Карпош каде градоначалничкото место и припадна на Коалицијата За Македонија заедно. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ во славеничка атмосфера, по завршување на гласањето и пребројувањето на гласовите од страна на нивниот штаб, соопшти:

„Некој денеска сакаше сите нас да не испровоцира на криминалот, на насилството, да вратиме со криминал и со насилство. Но, ние не подлегнавме на тоа. Ги победуваме на правичен начин, ги победуваме со волјата на граѓаните.“

Што се однесува до албанскиот политички болк, Демократската Унија за интеграција според обработените податоци на нивниот изборен штаб, тврди дека освоила повеќе од 10-тина градоначалнички места, а од коалицијата ДПА ПДП која всушност ги бојкотираше вчерашните избори излегоа со сериозни обвинувања упатени на сметка на ДУИ, која како што рекоа „ќе сноси морална, судска и историска одговорност за обезличување на албанскиот народ.“
Инаку во Скопје, каде вчера имаше прегласување во неколку избирачки места во три скопски општини за градоначалник на главниот град, извесно е дека ќе биде одржан втор круг од изборите:

„За Трифун Костовски гласале 822 гласачи, односно 40%, а Пенов има добиено 712 гласови што е еднакво на 35%.“

ги соопшти резултатите обработени во нивниот Изборен штаб, портпаролот на кандидатот Трифун Костовски, Маја Мухиќ.
Државната изборна комисија во текот на денов, се очекува да ги соопшти резултатите и за останатите седум општини од вкупно 57-те, каде што се гласаше вториот изборен круг.
XS
SM
MD
LG