Достапни линкови

Експертскиот тим понуди предлози, владата треба да реши


Владиониот експертски тим, веќе излезе со понудените предлози, а владата е таа која ќе треба да одлучи дали со овој совет ќе претседава шефот на државата, министерот за правда, или пак тоа ќе биде човек од браншата, вели претседателот на тимот експерти Саво Климовски.

„Предлогот за претседател на државниот совет на правдата, на конвенција на сите обвинители и судии да се утврдува по пат на тајно, непосредно гласање, од редот на судиите со најмалку 15 години искуство во судството и со мандат од пет години. Тој предлог оди во Собранието и тоа го врши изборот. Ако не изврши избор, целата процедура се враќа назад повторно на конвенцијата да предложи друг кандидат.“

Во рамки на државниот совет на правдата ќе постојат два совети, судски и совет на обвинители. Советот на обвинители ќе го предлага јавниот обвинител вели Климовски:

„Тој утврдува предлог и го упатува до Собранието и тоа само од редот на обвинителите.“

На овој начин изборот на судиите и обвинителите останува надвор од дофатот на партиите и тука е всушност очекуваната деполитизација, вели доцент Рената Десковска, член на владиниот експертски тим:

„Значи, да се оневозможи барем институционално во процесот на напредување и разрешување влијанието на партиите врз судиите. Судскиот совет мора да биде гарант на судската независност, а не инструмент во рацете на политичките партии.“

Уставните измени ќе треба да го решат и клучниот проблем во судството, неговата неефикасност. Оттаму, експертите и предлагаат на владата формирање на специјализирани судови:

„Да се искористат решенијата коишто постојат во Словенија и некои други земји, каде што уставот експлицитно не забранува воведување на специјализирани судови. Остава можност тоа да се стори со двотретинско мнозинство.“

Владата најави дека до крајот на месецов ќе излезе со иницијативата за промена на уставот. За уставните измени ќе се бара и консензус од опозицијата.
XS
SM
MD
LG