Достапни линкови

Почна кампањата за вториот круг


Здружената опозиција и коалицијата „За Македонија Заедно“ ја започнаа кампањата за вториот изборен круг. Албанската опозиција, предводена од ДПА и ПДП со протести и чекаат разврска за приговорите за нерегуларности, во како што велат, многу општини во земјава.

„Секако дека ќе се оди во втор круг во тие општини каде што нема никакви инциденти. На пример, како што коалицијата го прифаќа поразот во Арачиново,“

вели портпаролот на ПДП Кенан Алиу, кој потенцира дека доколку не бидат прифатени приговорите, тогаш тие ќе бараат изборите да ги организира меѓународниот фактор:

„Потребно е да се прифатат приговорите на коалицијата во одредени избирачки места, особено во Тетово и Гостивар, за да коалицијата после тоа може да ги прифати резултатите од првиот круг. Во спротивно, во Македонија би требало протекторат да го спроведе изборниот процес.“

Да се гласа за кандидатите на опозицијата без разлика од која партија се тие, е ставот на здружената опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ:

„Наша основна цел е кандидатите којшто ја претставуваат власта да не ја добијат поддршката на граѓаните. Ние ќе ги повикаме сите граѓани да ги поддржат кандидатите на опозицијата,“

вели Силвана Бонева, претседател на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Преку директни контакти со јавноста, коалицијата „За Македонија Заедно“ ќе се обиде да освои што е можно поголем број општини во вториот изборен круг, вели Никола Ќучиев:

„Ја почнуваме кампањата за вториот круг, одиме со модел на поинтензивни непосредни контакти со граѓаните, што е вообичаена пракса пред втор круг на гласање.“

Непридотно би било, вели тој, доколку ДУИ не ги поддржи нашите кандидати во вториот круг:

„Природно би било да е така, кога не би било така, би било нешто невообичаено, не би било добро.“

А, во ДУИ велат, за тоа сеуште не сме разговарале. Партиските органи треба да решат. А, дилемата, дали ќе има или нема да има втор круг во Скопје треба да биде разрешена на почетокот од идната недела:

„Најверојатно некаде на почетокот од следната недела, недела или понеделник процедурата ќе биде завршена и одлуката на Врховниот суд е конечна,“

изјави претседателот на ДИК Стево Пендаровски.
XS
SM
MD
LG