Достапни линкови

Македонското министерство за правда чека натамошни инструкции од Хаг


Во Македонското министерство за правда, од судот во Хаг пристигнаа две обвиненија, против Екс министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски и поранешниот телохранител на претседателот Борис Трајковски, Јохан Тарчуловски, за „кршење на законите или обичаите на војување“ за случајот Љуботен.

„До Министерството за првда истовремено беа предадени налог за апсење и налог за предавање на лицето Јохан Тарчуловски. Вчера МВР не извести дека лицето Јохан Тарчуловски е префрлено во затвор во Скопје,“

вели Мирјана Илиева портпарол на министерството за правда. Министерството за правда соопштува дека понатамошните чекори кои ќе бидат преземени ќе зависат од инструкциите на Хашкиот трибунал.

„Ги известивме што сме презеле и сега треба да ни кажат што понатаму и како да постапуваме.“

Ненад Јаничевиќ, адвокатот на Бошковски во Македонија, вели дека до него официјална информација за обвинението од Хаг, не е доставена.

„Во постојан контакт сум со семејството на Бошковски и тој не го има добиено обвинението.“

За обвинението не е известен ниту адвокатот на Бошковски, во Хрватска Звонимир Ходак кој пред судот во Пула го застапува поранешниот македонски министер за внатрешни, за случајот Раштански Лозја.

„Во Министерството за правда во Хрватска тоа не ми го потврдија, што значи дека обвинението е пратено во Македонија, а потоа најверојатно Македонија ќе го трансферира во Хрватска.“

изјавува адвокатот Ходак.

Професор Гордана Бужаровска од Правниот факултет смета дека македонските власти во врска со овој случај треба да постапуваат според ратификуваните меѓународни спогодби, но вели дека Македонија отсекогаш имала добра соработка со Хашкиот суд.

„Во суштина ние како држава секогаш излегувавме и излегуваме в пресрет на истражителите од Хашкиот трибунал. Значи, тука сме и подготвени за соработка.“

Случајот Љуботен е само еден од петте случаи за кои е заинтресиран судот во Хаг. Останатите се случајот градежни работници Маврово, браната Липково, исчезнатите и случајот Вејце. Американскиот амбасадор во земјава, Лоренс Батлер, во врска со иднината на овие случаи изјавува:

„Има уште четири други случаи во Хаг, иако Хаг го следи претходниот процес како што направи со Босна и другите места, веројатно ќе ги врати овие случаи повторно во Македонија, и тоа најверојатно со некакви коментари. Засега незнам што ќе направи Хаг и кога.“
XS
SM
MD
LG