Достапни линкови

Одзивот до десет часот 7,71 насто, избирачките места отворени навреме


Без проблеми и со отворање на сите гласачки места на време граѓаните на Македонија во 84 општини и во градот Скопје од седум часот наутро ја избираат локалната власт:

„Заклучно со десет часот, гласале 7,71 насто од запишаните избирачи во избирачкиот список. Тоа е на ниво на државата, на ниво на Скопје одзивот е 7,07 насто. Да ве информирам дека гласачките места изутрината беа отворени насекаде, освен во село Ехловец, тоа е во општина Другово, кичевско, каде што не било можно да се отвори гласачкото место затоа што има големи навеви од снег, високи повеќе од еден метар и таму не постојат устови за отворање на гласачкото место. Има неколку информации за проблеми на други две места, меѓутоа, додека не се провери не можам да ви дадам други информации,“

информира Зоран Таневски, портпарол на ДИК.

За следење на денешното гласање пак, граѓанската асоцијација „Мост“ распореди 3630 набљудувачи. Славица Биљарска, портпарол на „Мост“ вели:

„Според програмата на „Мост“ одзивот на гласачите на територијата на град Скопје бил 8,11 насто во десет часот.“

Претставниците на избирачките места велат:

„Нема неправилности, за сега, па да видиме, денот е пред нас.“

Изборниот процес го набљудуваат 5192 домашни и 393 странски набљудувачи. Граѓанската асоцијација „Мост“ првичните неофицијални резултати што може да се очекуваат до пред полноќ, за прв пат, поради комплексноста на процесот денеска ќе ги објави само за Скопје:

„Вечерва после 22 часот согласно со тоа како ќе успееме да ги процесираме резултатите ќе излеземе со наши видувања за конечниот одзив на гласачите како и за гласовите за кандидатите за градоначалници за градот Скопје, како и за советите.“

Инаку, резултатите од гласањето треба да бидат познати во Понеделник, а конечните ДИК ќе ги објави во среда.

Според законските измени, во првиот изборен круг за градоначалник ќе биде избран кандидато кој добил мнозинство гласови, ако на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи во општината. Датумот на избирањето на локалната власт што децентрализацијата ќе има поголеми надлежности, во Македонија се совпадна и со одбележувањето на православниот празник Прочка.
XS
SM
MD
LG