Достапни линкови

Македонските жени сеуште се борат за своите права


Македонските жени, сеуште се борат за своите права обидувајќи се целосно да бидат вклучени во сите општествени сегменти, а лошата економска ситуација во државава, е главна причина за нерамноправноста на македонските жени, нивна манимулација и експлоатирање, сметаат поголемиот дел од нив. Сведоци сме, како што велат од Секцијата на жени во Сојузот на синдикати, на актуелните најави за намалување на породилното отсуство, нивна експлоатација и се поголемиот процент на жени кои работат на црно. Една посебна категорија на жени, чии права во државава се загрозени, се пред се оние кои се вработени во индустријата, посочува Љиљана Јанкуловска, претседател на Секцијата на жени при Сојузот на Синдикати:

„Економската ситуација, многу влијае на намалувањето на правата на жената, особено во делот на нејзината вработеност, во делот на потребата заради својата егзистенција да работи на црно, да се вработува рамноправно со мажот, меѓутоа најчесто во изборот секогаш е мажот, понатаму можеме да укажеме дека тие се на пониската лествица од хиерархијата на работните места, со самото тоа тие примаат пониска плата, а тоа доведува до економска слабост на жената“.

Освен економската ситуација, во која борбата за живот дозволува манипулација на работничките права, една друга карактеристика која се смета за причина за нееднаквите можности на жената, меѓудругото е и нејзината репродуктивната улога, посочува Савка Димитрова, успешен стопанственик, долгогодишен директор на фабриката Европа:

„Сметам дека има одредени бариери за жените... кога би имало повеќе можности жената да се растерети од фамилијарните обврски, тогаш сметам дека би имала поголеми можности да се вклучи и во другиот дел“.

Македонија се движи во добра насока, имајки ја во предвид нејзината вклученост во политиката и поголемиот број закони кои ја регулираат сферата на полава рамноправност, но заложбата за зголемување на можностите на жените и натаму треба да продолжи:

„Токму затоа и ние толку се залагаме за родова рамноправност, токму затоа е таа борба за радова рамноправност, за да можат сите аспекти од живеењето подеднакво да бидат на дневен ред на политиката, на одлучувањето и на решавање како проблеми“.

Изјавува Лилјана Поповска, пратеник и претседател на Македонското женско лоби.
XS
SM
MD
LG