Достапни линкови

Транзиционите процеси во Македонија причина за честите уставни измени


Транзиционите процеси во Македонија и промената на општестевените текови предизвикани од неа, во овие процеси експертите ги гледаат главните причини за промените кои во неколку наврати ги претрпе Уставот на Република Македонија, вклучувајќи ги и актуелните најави за негова измена, во насока на реформите во правосудниот систем.

„Потребата за измена и дополна на Уставот, е потреба на транзиционите процеси во нашата држава и усогласувањето на уставните решенија со одделни процеси кои се тесно поврзани со транзиционата постапка“.

Изјавува професорот на Правниот факултет при Тетовскиот Универзитет, Осман Кадриу, кој воедно е вклучен во работната група која работи на сегашните уставни промени.

Според експертите до завршувањето на транзиционите промени во државава, неможе да се зборува за традиција кон највисокиот правен и политички акт, што е своевидна карактеристика во европските или останатите земји од светот. Професорот Владо Поповски, смета дека не смее да се создава психологија дека Уставот е „лист хартија“ во кој често може да се интервенира.

„Таа идеја за таа измена на Уставот беше многу стара, но да се оди фронтално во измени на Уставот, да се влезе во размислување што се друго да испоизмениме и да се создава психологија дека тој е еден лист хартија… Уставот е нужно како највисок закон, многу внимателно да се менува, а тоа значи и тие промени да бидат многу ретки“.

Поповски додава дека сепак треба да се има предвид дека Уставот не претставува ,,неменлива категорија,, но предупредува:

„Не е можно да се заклучи дека Уставот е евангелие или дека е конечна мудрост, бидејќи тоа не е така и на тој начин би го мистифицирале и фетишизирале, но тој неможе ниту да се сведе на програма на некоја политичка партија, на состав на Влада, на некој претседател… туку треба да се сведе на некоја мерка во рамки на искуствата на европските земји.“

Зборувајќи за актуелните најави за уставни измени, предизвикани од реформите во судството, двајцата експерти се согласни дека тие се оправдани, имајќи го во предвид правниот поредок на Македонија, кој во случај на промени во една од властите како сегашната судска, нужно подразбира и интервенција во највисокиот правен и политички акт.
XS
SM
MD
LG