Достапни линкови

Апсењето на Осама Бин Ладен прашање на време


Американскиот претседател Џорџ Буш го посети седиштето на ЦИА во Вашингтон, при што повторно го обвини Иран дека се обидува да произведе нуклеарно оружје, а од Сирија побара веднаш да ги повлече своите трупи од Либан. Буш оцени и дека апсењето на лидерот на Ал Каида, Осма Бин Ладен, е прашање на време.

Џорџ Буш уште еднаш оцени дека Иран настојува да произведе нуклеарно оружје и оти ги избегнува меѓународните обврски. За време на посетата на седиштето на ЦИА во Вашингтон, тој изјави:

„Виновната страна е Иран. Тие не ги прифаќаат меѓународните договори. Целиот свет им вели да не развиваат нуклеарно оружје.“

Буш додаде дека Европските држави, како и рускиот претседател Владимир Путин се согласуваат со Соединетите Држави дека на Иран не смее да му се дозволи да има нуклеарно оружје. Сепак, американскиот претседател изјави дека Вашинтон бара начини да помогне во преговорите меѓу Европската Унија и Иран за нуклеарната програма на Техеран. Буш со остра порака и до Сирија веднаш да се повлече од Либан.

„Пораката е гласна и јасна и од Соединетите Држави и од Франција, како и од многу други земји, дека Сирија мора да ги повлече не само трупите, туку и тајните служби од Либан веднаш.“

На ваквите повици се придружи и Саудиска Арабија. Принцот Абдула за време на вчерашната посета на сирискиот претседател Башар Ал Асад на Ријад, од него побарал целосно повлекување од Либан. Инаку, американскиот претседател Џорџ Буш оцени дека еден од најголемите актуелни предизвици е апсењето на лидерот на Ал Каида, Осама Бин Ладен, потврдувајки ги информациите дека Бин Ладен контактирал со Абу Мусаб Ал Заркави и од него побарал планирање напади на американска територија. Но, аналитичарите оценуваат дека апсењето или егзекуцијата на Бин Ладен, може да предизвика нови проблеми. Ако биде убиен, многумина муслимани ќе го сметаат за маченик, а доколку биде упасен и му се суди, тогаш ќе има можност да им се обраќа на неговите следбеници. Натан Браун од Карнеги Институтот смета дека Бин Ладен треба да биде елиминиран, но со тоа нема да бидат отсранети терористичките закани.

„Апсењето или убиството нема да му стави крај на проблемот. Евидентно е дека Ал Каида не е хиерархиски поставена организација. Со елиминирањето на врвот, нема да бидат елиминирани и различните групи кои ја прифаќаат таа идеологија.“
XS
SM
MD
LG