Достапни линкови

Попис на сибирските тигри во светот


Тим од илјадници ловци се зафатени обидувајќи се да му влезат во трагата на редок Сибирски тигар на рускиот далечен исток. Според последните статистики, има два пати повеќе пребарувачи отколку сибирски тигри во дивината. Но, овие ловци не се заинтересирани за крзното или коските на тигрите, туку само сакаат да ги пребројат и да видат дали нивниот број се зголемува или намалува.

Сибирскиот тигар, којшто живее во студените шуми на далечниот исток во Русија и Кина е најголем вид тигар. Тој може да достигне должина од 3,5 метри и тежина од 150 килограми. Поради тоа што е на мета на многу ловци и ограничените извори за храна, бројката на овој вид тигри во дивината се спушти на под 400. Или, поточно речено, според последниот попис спроведен пред десет години имало 400 сибирски тигри, а сегашната ситуација е нејасна. Токму затоа, руската академија на науките во соработка со други организации за заштита спроведува нов попис.

Околу 1,000 екологисти, ловци и ентузијасти минатата недела почнаа пребарувања во источен Сибир, барајќи тигри или поточно траги од тигри во снегот. Според шефот на меѓународната група за човекова средина „даблју дабјлу еф“ со седиште во Швајцарија, Сузан Либерман пронаоѓањето на редок вид тигри на теренот е тешка работа:

,,Никогаш не е лесно да се попишат дивите животни. Не можете да им кажете, сите одете во вашите живеалишта и застанете за да бидете пребројани.“

Според неа, отисоците од шепите се клучни за спроведување на пописот. Тие може да го откријат индивидуалниот идентитет на тигарот, неговата тежина, години на старост и пол. Податоците треба да бидат обработени до крајот на април, кога ќе се знае дали популацијата сибирски тигри расте или опаѓа. Либерман вели дека се умерени оптимисти и дека идеалната безбедна популација на тигрите е 700. Таа додава дека опстанокот на тигрите зависи и од опстанокот на другите животни, како на пример дивиот вепар, кои служат за нивна исхрана.

„Клучно за сибирските тигри е ловокрадството, се разбира и трговијата со нивната кожа и коски, но, постојат проблеми со достапноста на нивниот плен. Луѓето ги ловат животните што ги јадат тигрите. Тоа е вистински проблем во регионот, да се осигура дека популацијата на нештата што ги јадат тигрите исто така се зголемува. Ако има доволно храна и доволно простор, тигрите ќе се опорават.“

Сибирскиот тигар е еден од петте видови тигри коишто живеат денеска. Дополнителни три видови тигри веќе изумреа, два од нив трагично во последните 50 години.
XS
SM
MD
LG