Достапни линкови

Директен увид на одговорите на прашалникот од ЕУ


Надлежните институции на владата и на државата, во предвидениот рок, до 1-ви февруари, одговорија на прашалникот од ЕУ. Но, за време на неговото пополнување во изминатите четири месеци, недостасуваше увид и консултации со опозицијата, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски:

„Владата се затвори во своите институционални рамки. Можеби сметаа дека тоа е само нивна работа, меѓутоа ние сметаме дека тоа не е работа само на една политичка партија, не е работа само на владата, не само на позицијата и сметам дека е погрешно.“

Сепак, според Слободан Чашуле од ВМРО-Народна, прашалникот од ЕУ од 14,000 страници не претставува тајна. Тој вели, дека откако прашалникот ќе биде ставен на увид на партиите, на средбата закажана кај премиерот Бучковски, тој верува дека сеуште има време за сугестии, односно да се извршат корекции:

„Прашањата и прашалникот се секому достапни. Тие се видливи на страниците на ЕУ. Одговорите не се тајна, тие мораат да бидат слика на нашата држава. Јас очекувам дека кога ќе ни биде даден на увид документот, директно, на тој состанок на сите политички партии, ќе се уверам дека владата постапила така. Ако не постапила така, сеуште има време, во фазата на разгледување на прашањата од европската комисија, да се извршат можните корекции.“

Мухамед Халили кој зад себе има дипломатско искуство, вели дека партиите од опозицијата може да бидат консултирани во одговарањето на прашалникот од ЕУ, но оти тоа главно претставува обврска на институциите на државата и владата.

„Колку политичките партии се запознаени со прашалникот е релативно прашање, бидејќи дел од партиите до нивните претставници во институциите на власта се директно запознати, додека другите не мора да бидат запознати со содржината на 14,000 страници на прашалникот. Но, тие конкретно мора да бидат запознати со она што е сработено на терен.“

Според Чашуле, цел на владата во одговарањето на прашалникот, не треба да претставува Брисел, туку обезбедувањето на квалитетен живот, на сите граѓани во државата.
XS
SM
MD
LG