Достапни линкови

Промовирање реформи за поттикнување развој во стопанството


Промовирање на реформи што треба да поттикнат развој во стопанството како и во судството и здравството и воопшто во институциите на државата, се главната цел на десетдневните преговори на координативното тело на владата со Светската банка. За новиот заем во висина од 30 милиони долари за развојни политики. Според Михаил Петковски, професор по економија и член на Координативното тело што го предводи премиерот Владо Бучковски, потткунувањето на структурните реформи во земјава, како предуслов за добивање на кредитот треба да претставуваат приоритет во работата на институциите во државата:

„Општа оценка и на меѓународните институции и на домашните експерти е дека Македонија оствари стабилност на цените и на девизниот курс, но дека динамиката на стопанскиот растеж не задоволува, што главно се припишува на недостатокот на структурни реформи. Тука пред се спаѓаат реформите на претпријатијата загубари, реформите во сферата на здравството, во јавната администрација, значи клучот, односно нагласката во овие преговори ќе биде да се промовираат, забрзаат и поттикнат структурните реформи.“

Програмата на Светската банка се состои од три годишни заеми, секој од нив ќе биде доставен како единечна транша, откако Македонија ќе ги исполни обврските од претходниот аранжман. Главни канали во кои се планира да се влеваат парите од заемот се судството, стопанството и здравството, со цел да се постигне подобрување на реформите во тие сегменти. Според професорот Петковски Македонија повеќе нема време да доцни со спроведувањето на реформите:

„Не е важно само дали ќе се постигне спогодба, туку важно е во еден временки хоризонт, којшто би траел да речеме три години, владата, државата и креаторите на економската политика да имаат политичка волја и храброст да ги истуркаат реформите и најпосле да ја вратат македонската економија на паетеката на задоволителен растеж, по што ќе се разрешат голем број социјални проблеми, а тешката економска ситуација би се ублажила, а релативизирале можеби и етничките проблеми во Република Македонија.“
XS
SM
MD
LG