Достапни линкови

Состојбата стабилна


Ситуацијата кон северната граница со Србија и Црна Гора е стабилна и нема зголемување на активностите на пограичните служби, по инцидентот што се случи викендов, од другата страна на границата, велат од Министерството за одбрана:

„Состојбата на северната граница, после случката со убиството на 16 годишното момче од страна на војската на СЦГ е стабилна. Нашите гранични единици ги извршуваат задачите согласно со правилото за граничната служба, нема појави на зголемени раздвижувања во граничниот појас,“

изјави портпаролот на АРМ, полковникот Димче Петровски.

Локалните власти од југот на Србија, кои остро реагираа на последниот инцидент, меѓу другото побараа отворање на нови гранични премини кон Македонија. Со тоа се смета дека ќе се олесни движењето на населението од пограничните села и ќе се избегнат слични инциденти. До македонските власти до сега не е пристигнато такво барање од државните институции на СЦГ и само тие се надлежни да бараат отворање на нови гранични премини, велат во министерството за надворешни работи на Република Македонија. Минатата година, Македонија отвори нов граничен премин кон Србија и Црна Гора, а во делот кон Косово, треба да се отворат уште три. Македонските институции веќе ги завршиле потребните активности за отворање на истите, но се чека истото да биде направено и од другата страна на границата, велат извори во Министерството за надворешни работи. Граничната полиција, инаку, веќе презеде од АРМ дел од северната граница, од тромеѓето со Бугарија до Пелинце, останатиот дел треба да заврши до мај месец, велат во МВР:

„До крајот на 2005 година би се заокружил тој процес на примопредавање и преземање на државната граница на Република Македонија. Досегашните резултати ги потврдуваат успесите на обезбедувањето на државната граница и спречување на секој вид прекуграничен криминал, што значи се очекуваат позитивни резултати,“

изјави портпаролот на пограничната полиција Елизабета Петровска.
XS
SM
MD
LG