Достапни линкови

Махмуд Абас ја објави победата


Махмуд Абас ја објави својата победа на вчерашните избори за палестински лидер. Според се уште неофицијалните резултати тој добил над шеесет и пет насто, додека неговиот против кандидат продемократскиот активист Мустафа Баргути дваесет проценти од гласовите. Претходно, Централната Изборна Комсија соопшти дека на изборите излегле најмалку шеесет и шест насто од регистрираните гласачи.Овие избори, според оценката на американскиот претседател Џорџ Буш, претставуваат неопходен чекор кон формирањето палестинска држава.

Махмуд Абас својата победа, како што им изјави на приврзаниците на митингот на неговата партија Фатах во Рамала, на Западниот Брег, му ја посвети на починатиот палестински лидер Јасер Арафат.

„Оваа победа и ја посветуваме на душата на братот маченик Јасер Арафат. Победата им ја посветуваме и на нашиот народ и на нашите единаесет илјади затвореници во ирзалеските затвори“

изјави Махмуд Абас на синоќешниот митинг на кој повтори дека ќе се залага Еруслим да биде главен град на идната палестинска држава.

„Ни претстојат тешки задачи. Како ќе градиме безбедна и сигурна држава. Како да им го подобриме животот на нашите граѓани. Како ќе го решиме прашањето со затворениците. Како ќе го решиме проблемот со нашата Палестинска држава со Ерусалим како главен град.“

Изјави Махмуд Абаз, кој инаку меѓу палестинците е познат под името Абу Мазен. Палестинците на Западниот Брег и Појасот Газа излегоа на изборите за кои посматарчите тврдат дека главно биле слободни и фер. Американскиот претседател Џорџ Буш, во пишаната изјава, му вети помош на новиот палестински лидер Махмуд Абас. Во изјавата се додава дека вчерашните избори, како и парламентарните кои треба да се одржат за неколку месеци, се од суштинска важност за воспоставување, како што се наведува, суверена, независна, одржлива, демократска и мирна палестинска држава која може да живее покрај безбеден и сигурен Израел. Сега, се посочува во изјавата, палестинското раководство го чекаат клучни задачи, вклучувајќи ја и онаа за справување со тероризмот и корупцијата. Буш го повикува Израел да ја подобри хуманитарната и економската ситуација во Појасот Газа и на Западниот Брег.

„Мислам дека Абу Мазен и израелскиот премиер Ариел Шарон се познаваат и се надевам дека тие ќе работат заедно со цел да го заживеаат блискоисточниот мировен процес.“

Изјави Кофи Анан, генералниот секретар на Обединетите Нации кои беа организатори на вчерашните палестински избори.
XS
SM
MD
LG