Достапни линкови

Во 2005-тата нема да биде подобро од 2004-тата


Економските експерти се едногласни во ставот, и покрај ветувањата на владата, нереално е да се надеваме дека во 2005 година може да се случи економски бум во државата.

„Лично не верувам дека се создадени услови и дека постојат неопходни претпоставки за пресврт на негативните трендови или на стагнантните движења да речеме кај БДП што би овозможило во 2005 година да се постигне подинамичен развој, според тоа, не гледам елементи за некој оптимизам,“

вели економскиот експерт Душан Вељковиќ.

За да се разбуди заспаната македонска економија потребни се сериозни реформи. За 2005 година такво нешто не е предвидено, вели професорот Ванчо Узунов:

„Ако не ни се случат реформи, многу битни реформи, нема да стане подобро од ова и ќе треба да бидеме среќни ако ситуацијата остане и ваква каква што е. Многу е јасно зошто, бидејќи, ваква каква што е, ситуацијата во Македонија, нема капацитет да создава поголемо богатство.“

Се додека не заживеат инвестициите не може да зборуваме за позитивни резултати на полето на економијата, објаснува професорот Димитар Ефтимов од економскиот институт:

„За економски раст е потребна инвестициона клима, за инвеститорите да инвестираат. А, како тоа би се направило? Со друга монетарна и друга макроекономска политика којашто е насочена кон намалување на каматните стапки, што би дозволиле инвестициона сигурност во економијата.“

Со продолжување на ниските стапки на економски раст во 2005 година граѓаните и понатаму ќе мораат да бараат начин како да „скрпат крај со крај“, односно како да го поврзат –ви и 31-ви во месецот.

„Идната година очекувам стапките на економскиот раст да се движат до три проценти што и не е некој фактор на економски раст. Во однос на потрошувачката, таа ќе биде ниска, што значи дека животниот статус на граѓаните ќе биде на ниско ниво, како и претходната година.“

Сугестијата од експертите е дека владата под итно мора да корегира одредени аномалии кои ни се провлекуваа во изминатата деценија:

„Владата е битно да се случат институционални подобрувања, значи подобрување на капацитетот на државните институции.“

Исто така, мора да се промени бизнис логиката на македонските претприемачи:

„Да почне да се креираат услови за да се создадат производи со повисока додадена вредност, ако тоа го нема, бадијала е се друго.“

Во меѓувреме, остануваат многу отворени прашања кои за економските експерти се доказ дека во 2005 нема да биде подобро од 2004, но како што велат тие, барем да почнат реформите:

„Допрва треба да се види како ќе биде поставена економската политика за следната година. Какви институционални и организациони зафати ќе бидат напревени. Дали ќе се вршат измени во кредитно монетарната политика, како ќе завршат разговорите со ММФ итн.“
XS
SM
MD
LG