Достапни линкови

Главна цел луксузните автомобили и оние без заштита


Само во првите шест месеци од годинава во Македонија се украдени 343 автомобили. Поголемиот дел од нив се шверцуваат во СЦГ, Косово и Албанија, но се крадат возила и за препродажба на делови. Според статистиката на МВР во последно време на мета се и моделите на Даеву Тико, бидејќи имаат доста скапи делови. Статистиката покажува дека по кражбата тие најчесто се растураат, а деловите се препродаваат. На мета на крадците, покрај оние полуксузните, се и постарите автомобили кои се без вградена заштита како кодиран клуч или аларм, па така се лесен плен за добро обучените и организирани криминални групи. Се крадат и автомобилите Застава и Лада, но најчесто од малолетници, кои откако ќе се провозат ги оставаат. Ваквиот вид украдени возила е и најчест, велат од МВР. Од целата Република, најмногу возила се украдени од главниот град:

„Најголем број возила се укратени во Скопје, град кој е и најблиску до критичните дестинации каде што завршуваат, односно се носат моторните возила, тоа се Косово и СЦГ. Инаку, групите коишто се инволвирани во кражбите на моторни возила најчесто соработуваат со македонски државјани, кои им помагаат во извршувањето на кривичните дела. Ова го покажуваат досега расчистените вакви дела,“

вели портпаролот на МВР Горан Павловски, според кого од пријавените 343 украдени возила, до сега се пронајдени 196, каде и сторителот е фатен и „заработил“ кривична пријава. Возилата најчесто се крадат ноќе. Најмалку кражби се вршат во зимските периоди, а организираните групи знаат прво да ги пикираат возилата, а потоа да ги украдат од необезбедените паркинзи во градот. Колку за споредба, вкупниот број украдени возила во периодот на 2003 година изнесува 560.
XS
SM
MD
LG