Достапни линкови

Политичката волја се наметнува над правното мислење


Зошто одредбите од Законите што се менуваат пост фестум се менуваат со сила и дали при нивното носење се конслутира Уставот или политиката. Ова се прашања што повторно се актуелизираат по последниот случај во кој Уставниот суд укина две одредби од Законот за пратеници. Саво Климовски, професор на правниот факултет во Скопје вели, дека интервнецијата на Уставниот суд во законите што биле донесени, покажува дека генерално за време на носењето на правните акти последниот збор го има политичката волја и дека мислењето на правните експерти се заобиколува:

„Постои едно политичко насилство врз уставните норми, во принцип ние имаме правен совет при Владата на Република на Македонија и имаме законодавно – правна комисија при Собранието на Република Македонија чијашто основна и примарна задача е да види дали тие закони ќе бидат во согласност со Уставот. Но, секогаш, политиката и политичката волја бескрупулозно се наметнува над правното мислење. Така се договориле политичките субјекти и така ја туркаат работата.“

Цветанка Иванова, претседател на законодавно правната комисија во Собранието што е задолжена да обезбеди усогласеност на законите со уставот вели:

„Пропусти има ненамерни. Затоа потоа интервенира Уставниот суд, тоа е и неговата улога, да ги крене одредбите надвор од сите тие три власти тој е овластен тие работи да ги крене. Инаку, што би работел Уставниот суд ако законодавно правната комисија до перфекција би ја извршувала работата.“

Во последниот случај Уставниот суд ги укина двете одредби од Законот за пратеници со кои на пратениците им се одзема мандатот доколку решат да ја напуштат партијата. Професорот Климовски смета дека едно од решенијата со кое може да се одбегне менувањето на законите по нивното стапување во сила е да се направат промени во Уставот, со што тој суд ќе може да интервенира во законите за време на нивното носење:

„Тука ќе треба да се променат и делови од Уставот на Република Македонија затоа што уставниот суд нема право на превентивно дејство. Ако тоа би било така, мислам дека многу од законите ќе бидат во согласност со Уставот, но за жал тоа не е така.“
XS
SM
MD
LG