Достапни линкови

Добрите меѓуетнички односи - темел за Македонија


Македонскиот претседател Бранко Црвенковси предупреди денеска дека предуслов за успех на земјата се добрите меѓуетнички односи и ја повика владата побрзо да понуди легислатива што ги регулира прашањата на употребата на јазиците и етничките симболи на малцинските заедници.

„Основен темел, неопходен предуслов за се останато во нашата држава се добрите меѓуетнички односи. Ако сме успешни на тој план ќе имаме амбиент да се посветиме на други приоритети. Кикснеме ли тука, беспредметни се дискусиите за побрз економски развој, за влез во ЕУ или НАТО",

рече Црвенковски во денешното традиционално годишно обраќање пред македонското собрание.

Оценувајќи дека потенцијалните и реалните закани по безбедноста и територијалниот интегритет на Македонија биле директно или индиректно поврзани со меѓуетничките односи, шефот на државата ја повика владата да го забрза донесувањето закони за употреба на етничките симболи и јазиците на малцинските заедници во земјата, но биде упорна во постигнувањето правична застапеност на припадниците на малцинствата во јавната администрација:

„Постојната, со закон нерегулирана и во пракса хаотична состојба, предизвикува фрустрации на обете страни",

предупреди Црвенковски

Тој ја оцени состојбата во земјава во годината што изминува како „стабилна" и “без сериозни закани за интегритетот и суверенитетот“:

„Инцидентни ситуации имаше, но тие во себе не содржеа потенцијал за поширока дестабилизација",

рече Црвенковски, споменувајќи го предизвикот со скопското село Конодово:

„Она што со право го иритира поголемиот дел од јавноста и за што јас имам целосно разбирање е фактот што разрешувањето на некој од таквите инцидентни ситуации зависеше од нечија добра волја, а не од почитувањето и спроведувањето на Уставот и законите и на ефикасното функционирање на институциите на системот",

рече Црвенковски.

Тој во контекст на безбедноста на земјата го спомена и решавањето на статусот на Косово и предупреди на „употреба и злоупотреба" на Македонија заради потреба на преговарачите.

„Косово е последното големо отворено прашање на Балканот. Од начинот како ќе се пристапи во неговото решавање, како ќе се менаџира целиот процес, колку ќе трае и каков епилог ќе има, во голема мера зависи и стабилноста во целиот регион. Со цел да се остварат подобри стартни позиции за преговорите, одредени претставници на Белград и Приштина во своите изјави често пати ја употребуваат и злоупотребуваат Македонија, користејЌи ја како аргумент во полза на сопствената позиција."

рече Црвенковски.

Македонскиот претседател како главен проблем во земјата ги во своето обраќање ги наведе сиромаштијата и невработеноста.

„2004-та требаШе да биде година на политичка стабилност, на јакнење на меѓуетничката доверба, на голем исчекор во процесот на наШе интегрирање кон Европската унија и НАТО, и пред се, година посветена на економијата. Денес можеме да констатираме - ова последното и најважното не се случи",

рече Црвенковски

Тој ја повика нацијата на „мобилизација" наведувајќи дека наредната година ќе биде пресудна за шансите на Македонија за приклучување кон евро-атланските интеграции

„Следните 12 до 18 месеци се решавачки за нашата иднина. Потребно е да се мобилизира целокупната општествена енергија, целокупното знаење на нашиот народ, сиот интелектуален потенцијал. Успехот ќе биде заеднички,"

рече Црвенковски.
XS
SM
MD
LG