Достапни линкови

Вести

Туркменистан: Парламентарните избори успешни, соопштија властите

Властите во Туркменистан соопштија дека вчерашните парламентарни избори во земјата биле успешни, со одзив од 77 насто. Сите кандидати за 50-члениот парламент беа од партијата лојална на претседателот Сапармурат Нијазов. На странски посматрачи не им беше дозволено да го следат гласањето.

види ги сите денешни вести

Британскиот парламент расправа за закон за постепена забрана на пушењето

илустрација
илустрација

Британскиот парламент во вторник (16 април) ја почна расправата за нацрт-законот што ќе оневозможи младите луѓе да пушат, предложен од премиерот Риши Сунак и покрај противењето на многумина во неговата Конзервативна партија.

Законот ќе ја забрани продажбата на тутунски производи на сите родени по 1 јануари 2009 година, ефективно зголемувајќи ја возраста за пушење за една година во секоја наредна година додека не се покрие целото население.

„Ова има потенцијал постепено да го укине пушењето кај младите веќе во 2040 година“, рече владата при презентацијата на планот, нарекувајќи го „историски“ потег.

Иако се чини дека законот ќе биде донесен благодарение на поддршката на опозициските партии, Сунак се соочува со можност од бунт од конзервативните пратеници.

Загрозениот премиер има мал политички капитал за трошење во неговата распадната партија, која со месеци заостанува зад опозициските лабуристи на анкетите.

Конзервативниот пратеник Сајмон Кларк за Би-Би-Си изјави дека е „и скептичен и целосно против“ предложениот закон за пушење.

„Мислам дека целосната забрана ризикува да стане контрапродуктивна, мислам дека всушност ризикува да создаде црн пазар, а исто така ризикува да создаде предизвик што властите не можат да го контролираат“, рече тој.

Поранешниот премиер Борис Џонсон, исто така, на настан во Канада минатата недела рече дека е „лудо“ што партијата на Винстон Черчил „забранува пури“.

Сепак, анкетите покажуваат дека околу две третини од луѓето во Обединетото Кралство поддржуваат постепена забрана за пушење.

Пожар во зградата на Берзата во Копенхаген, се урна нејзиниот врв

илустрација
илустрација

Пожар изутрината го зафатил покривот на зградата на Берзата во Копенхаген, која е една од најстарите згради во градот, јавуваат медиумите.

Зградата која се наоѓа веднаш до палатата Кристијансборг, каде што се наоѓа Парламентот, е популарна туристичка атракција.

Се урнал и симболичниот врв во облик на заплеткани опашки на четири змејови, висок 56 метри.

Големи облаци чад се издигнуваат над центарот на Копенхаген и се гледаат луѓе кои трчаат во зградата за да ги спасат сликите. Данските медиуми јавуваат дека анексот на Парламентот е евакуиран.

Полицијата и пожарникарите се пред зградата, која е опкружена со скелиња. Пристигнала и Итна помош, но нема информации за жртви.

Палатата Кристијансборг гореше во неколку наврати досега. Неодамна, во 1990 година избувна пожар во анексот на парламентот познат како Proviantgaarden. Полицијата побара од луѓето да избегнуваат возење во внатрешниот дел на градот.

Причината за пожарот засега не е позната.

Шолц ја повика Кина да придонесе за „праведен мир“ во Украина

Комбинирана фотографија на германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Кси Џинпинг
Комбинирана фотографија на германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Кси Џинпинг

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (16 април) изјави дека се надева оти Берлин и Пекинг можат да помогнат да се постигне „праведен мир“ во Украина, пред разговорите со претседателот Кси Џинпинг во кинескиот главен град.

На состанокот со Кси, Шолц му рекол на кинескиот лидер дека се надева дека ќе разговара за тоа како двете земји можат „повеќе да придонесат за праведен мир во Украина“.

Иако Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина, Пекинг се најде на удар на критики затоа што одби да ја осуди Москва за нејзината офанзива.

Кина и Русија ја засилија економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство беше зајакнато од почетокот на инвазијата на Украина.

Шолц му рекол на Кси дека „руската агресивна војна во Украина и руското вооружување имаат многу значајно негативно влијание врз безбедноста во Европа“, се вели во снимката доставена од неговиот кабинет.

„Тие директно влијаат на нашите суштински интереси“, рече Кси, додавајќи дека „го загрозуваат целиот меѓународен поредок бидејќи го прекршуваат принципот на Повелбата на Обединетите Нации“.

Шолц се осврнал и на областите каде што рече дека двете земји би можеле да соработуваат, вклучително и климатските промени.

Кинеските државни медиуми објавија дека Кси ја истакнал важноста на односите во соочувањето со „зголемените ризици и предизвици“.

„Двете земји треба да гледаат и да ги развиваат билатералните односи од долгорочна и стратешка перспектива и да работат заедно за да донесат поголема стабилност и сигурност во светот“, додаде кинескиот лидер.

Тој исто така презентирал, како што наведуваат кинеските државни медиуми, „четири принципи за спречување на украинската криза да излезе од контрола и за враќање на мирот“.

Земјите мора да се фокусираат на „одржување мир и стабилност и да се воздржат од барање себични придобивки“, рече Кси, како и „да ја смират ситуацијата и да не долеваат масло на огнот“.

„Мораме да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително влошување на тензиите“, додаде Кси, истовремено додавајќи дека треба да го „намалиме негативното влијание врз светската економија“.

„Четирите принципи“ се слични на документот на Пекинг минатата година во кој се бараше „политичко решение“ на конфликтот, за кој западните земји велат дека може да и дозволи на Русија да задржи повеќе од територијата што ја зазеде во Украина.

Шолц пристигна во Кина во неделата, придружуван од голема делегација министри и бизнис лидери во неговата втора посета на земјата откако ја презеде функцијата канцелар.

По престојот во Чонгкинг и економскиот центар на Шангај, Шолц пристигна во Пекинг, каде што има за цел да ги зајакне економските врски со најголемиот трговски партнер на Берлин.

ЕУ ќе потроши 3,5 милијарди евра за заштита на океаните

илустрација
илустрација

Европската Унија ќе потроши 3,5 милијарди евра годинава за заштита на океаните и промовирање на одржливост преку серија иницијативи, изјави во вторник (16 март) највисокиот претставник на ЕУ за животна средина.

Предвидените мерки се движат од борба против морското загадување до поддршка за одржлив риболов и инвестиции во таканаречената сина економија - одржливо користење на морските и слатководните ресурси за економски активности.

Иницијативите беа објавени за време на конференцијата „Нашиот океан“ оваа недела во Атина, на која учествуваа околу 120 земји.

„Океанот е дел од тоа што сме ние и тоа е наша заедничка одговорност“, рече еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Вирџиниус Синкевичиус.

Обврските вклучуваат поддршка за 14 инвестиции и една реформа во одржливото рибарство во Кипар, Грција, Полска, Португалија во вредност од околу 1,9 милијарди евра и 980 милиони евра во рамките на Фондот за закрепнување и отпорност на ЕУ.

Други иницијативи имаат за цел да им помогнат на африканските земји да ја развијат својата сина економија.

Повеќе од 400 нови обврски во вкупна вредност од 10 милијарди долари ќе бидат објавени за време на конференцијата, изјави грчки владин претставник за Ројтерс во понеделникот, кој сакаше да остане анонимен.

Агенцијата за климатски промени на Европската Унија, Коперник, минатиот месец соопшти дека температурите на океаните достигнале рекордно високо ниво во февруари, врз основа на податоците од 1979 година. Преголемиот риболов и загадувањето со пластика се исто така главна закана за океаните.

Втор ден штрајк на приватните специјализанти

Штрајк на младите приватни специјализанти, 15 април 2024 година
Штрајк на младите приватни специјализанти, 15 април 2024 година

Приватните специјализанти утрово (16 април) продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера изутрина. Тие најавија дека нема да го прекинат штрајкот се додека не ја дочекаат информацијата од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството.

„Ние го продолжуваме штрајкот сè додека не помине седницата на Влада и министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено, па потоа ќе одлучиме за следните чекори. Сè уште не се исполнети нашите барања, ветувањето на Илир Демири беше дека тој има разбирање за нашите проблеми, но еден месец не беа предложени на седница на Влада“, истакна Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус.

Нивни претставници вчера попладне имаа средба во Владата со министерот за здравство Илир Демири, заменик министерката за здравство Маја Манолева и проф. Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека денеска по владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

На средбата беше кажано дека утре на владина седница ќе има информација во однос на покачувањето, по што ќе добиеме некаква писмена форма за одговорот на Владата во однос на покачувањата на платите. Нивен главен аргумент е дека ова е предизборен период и не можеле да постапат, во смисла, да дадат покачување.

Министерот за здравство побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

Долниот дом на Американскиот конгрес посебно ќе гласа за помош за Израел и Украина

Мајк Џонсон
Мајк Џонсон

Претставничкиот дом на Соединетите Држави следната недела ќе гласа одделно за помош на Украина и Израел, соопшти синоќа републиканецот Мајк Џонсон, повеќе од два месеци откако Сенатот ја отфрли мерката што ги вклучува двете држави.

Доцна синоќа (15 април), по состанокот со републиканските претставници во Долниот дом на Конгресот, претседателот на Претставничкиот дом рече дека ова тело потоа ќе ја разгледа и помошта за Тајван и американските сојузници во Источна Азија.

„Знаеме дека светот ја чека нашата реакција. Тие сакаат да видат дали Америка ќе застане зад своите сојузници, во наш интерес низ светот“, вели Џонсон.

Американската помош за овие земји сè уште не е усвоена бидејќи Џонсон не сакаше да ја разгледа мерката од 95 милијарди долари што Горниот дом ја усвои во февруари. Вклучува 14 милијарди долари помош за Израел и 60 милијарди за Украина.

Џонсон нагласи дека новите мерки во Претставничкиот дом предвидуваат приближно исти износи на странска помош. Притисокот конечно да помине оваа финансиска помош преку Конгресот порасна по иранскиот напад врз Израел.

Парламентарното Собрание на Советот на Европа ќе расправа за барањето на Косово за членство

илустрација
илустрација

Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска (16 април) во Стразбур ќе расправа за препораката за прием на Косово во членството на таа паневропска организација.

Пред пратениците ќе се најде предлог-мислењето за барањето за членство на Косово, со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа.

Документот подготвен од грчката пратеничка Дора Бакојани беше усвоен на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ.

Доколку Парламентарното собрание на Советот на Европа го усвои Мислењето, конечната одлука за членството на Косово ќе ја донесе Комитетот на министри на Советот на Европа кон средината на мај.

Нацрт-документот денеска ќе го разгледаат пратениците од 46-те земји-членки на Советот на Европа. Комитетот го поздрави како „голем чекор“ неодамнешното спроведување на пресудата на Уставниот суд на Косово од 2016 година, со која се призна сопственоста на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

Враќањето на земјиштето во манастирот Високи Дечани беше еден од трите услови за влез на Косово во Советот на Европа. Останува формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и прегледот на контроверзните експропријации во општините со српско мнозинство на Косово, вклучително и имотот на Српската православна црква.

Тие два услови се означени во нацрт Мислењето како „постпристапни обврски на Косово“, што Приштина мора да ги исполни по приемот во Советот на Европа.

Косово аплицираше за членство во СЕ во мај 2022 година. Во март 2023 година, Советот на Европа одлучи да ја проследи апликацијата на Косово до Парламентарното собрание на таа организација.

Вонреден Совет за надворешни работи на ЕУ за состојбата на Блискиот Исток

илустрација
илустрација

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ попладнево (16 април) ќе одржат вонреден состанок преку видео конференциска врска посветен на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток по иранските напади со дронови и проектили врз Израел изминатиов викенд.

Вонредното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ го најави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во објава на платформата X, порачувајќи дека целта на блокот е да придонесе за деескалација на состојбата и за безбедност на регионот.

Портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано вчера нагласи дека единствена точка на состанокот ќе биде најновата ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, како и следните чекори што ќе ги преземат ЕУ и нејзините земји членки како реакција на овие настани.

Во официјалната реакција на случувањата на Блискиот Исток, ЕУ порача дека најостро ги осудува иранските напади со дронови и ракети врз Израел.

„Ова е невидена ескалација и закана за регионалната безбедност. ЕУ ја повторува својата посветеност на безбедноста на Израел“, се наведува во реакцијата на Унијата.

ЕУ оцени дека оваа тензична регионална ситуација и нејзината евентуална понатамошната ескалација не може да биде во ничиј интерес, па затоа ги повика сите страни на максимална воздржаност.

„ЕУ останува целосно посветена да придонесе за деескалација и за безбедност на регионот и за остварување на таа цел е во близок контакт со сите страни“, посочи Унијата во својата реакција.

Денешната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ се одржува пред дводневниот Специјален Самит на Унијата што почнува утре во Брисел. Иако, Самитот треба да биде посветен на економски и финансиски паршања, сепак се очекува на него да стане збор и за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток.

Приватните специјализанти и утре ќе штрајкуваат

Штрајк на приватни специјализанти пред Министерство за здравство
Штрајк на приватни специјализанти пред Министерство за здравство

Приватните специјализанти и утре ќе го продолжат штрајкот што го почнаа денеска, 15 април, со барања за зголемување на платата, редовно вработување и право на здравствено осигурување.

„Ја информираме јавноста дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори“, објави Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари на мрежата Фејсбук, пренесувајќи соопштение од приватните специјализанти.

Нивни претставници попладнево имаа средба во Владата со министерот за здравство, Илир Демири, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и професор Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања.

На средбата, на специјализантите им било кажано дека по утрешната владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот.

Повеќе од 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава.

Тие бараат надоместот од 26.000 денари што сега им се исплаќа да се зголеми на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело.

Авионска линија Белград-Мостар воспоставена по повеќе од 30 години

Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) пристигнува на аеродромот во Мостар, придружуван од Борјана Кришто и Драган Човиќ (десно), 15 април 2024 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) пристигнува на аеродромот во Мостар, придружуван од Борјана Кришто и Драган Човиќ (десно), 15 април 2024 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 15 април слета на аеродромот во Мостар, на југот на Босна и Херцеговина (БиХ), со што беше отворена директна линија меѓу Белград и Мостар, по повеќе од 30 години откако беше прекината во ноември 1991 година.

Вучиќ на аеродромот го пречекаа претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и заменик-претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.

„Граѓаните на оваа линија ќе можат да летаат три пати неделно, по цена од 104 евра“, рече Вучиќ на прес-конференцијата што следеше по слетувањето.

Кришто рече дека оваа воздушна врска меѓу Мостар и Белград ќе отвори дополнителни врски за граѓаните до многу други светски дестинации.

Договорот меѓу Градот Мостар, компанијата „Ер Србија“ и аеродромот во Мостар беше потпишан на 2 февруари во градското собрание на Мостар.

Аеродромот во Мостар повторно прими повеќе авиокомпании, откако беше речиси без патници во годините по избувнувањето на пандемијата на ковид-пандемијата во март 2020 година.

За претстојната летна сезона, воспоставени се линии за Минхен, Загреб, Белград, Верона, Рим и Бари.

Овие летови ќе почнат од средината на април, со субвенции од властите на Босна и Херцеговина.

Инаку, српскиот претседател допатува во дводневна посета на БиХ, каде во вторник на 16 април ќе присуствува на отворањето на Меѓународниот бизнис саем во Мостар.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG