Достапни линкови

Македонските институции некадарни за менаџирање кризи


Случајот Кондово, беше тест за државата, која таа неуспеа да го изменаџира. Јасно е дека државните институции не се почитуваат, а тие пак не умеаат да ги употребат контролните механизми и не се покажа подготвеност во решавањето на проблемот во Кондово, што пак ке беше сигнал дека идни вакви ситуации се недозволиви, вака експертите ја објаснуваат ситуацијата која изминативе денови ја преокупираше македонската јавност.

„Таквите прашања не можете демократски да ги решите ако немате капацитет да ги менаџирате. Тоа кажува дека кога вие сте се определиле за да водите таква политика, мора да најдете капацитет, луѓе, институции што ќе ги менаџираат таквите работи. Не можете да применувате сила, силата треба да е ограничена со закон. Да мора да оди низ демократски процедура. Ама, зошто, сега на пример, комитетот за односи меѓу заедниците, воопшто не заседавал, бидејќи нарушени за меѓуетничките односи. Зошто Советот за национална безбедност не бил свикан, не го покренал прашањето,“

објаснува политикологот од Правниот факултет Горги Иванов. Според него, во случајот Кондово, прекршени се неколку правни норми, кои се законски регулирани:

„Преку демократска процедура се носи решение и институциите постапуваат по основа на закон. И затоа велиме дека е правна држава. Секој што го крши законот, му следува санкција. Прво, носењето на оружје, по таа основа некој треба да одговара зошто дозволил некој да носи оружје во државава, без дозвола. Потоа, како е можно некој да наметнува паралелна власт на територија на држава.“

Резултат на кризната ситуација како последната во Кондово, но и на неколку претходни примери во кои со оружје се условува исполнување на нечии барања, е површноста во решавањето на проблемите од страна на македонските институции, смета аналитичарот Ибрахим Мехмети:

„Мислам дека владата и воопшто институциите на системот немаат кадри коишто се способни да ги решаваат проблемите со поинакви средства, освен оние што се класични полициски или воени средства.“

Според Мехмети ништо не е гарант дека ова е крај на ваквите ситуации доколку:

„Се работи за пристапот, мислам дека треба да се промени пристапот. Мислам дека многу опростено се пристапува кон проблемите, како секогаш да е некоја игра, па некој сака вака да се случи, па после престанува, мислам дека во голем дел се работи и за лоша политика,“

заклучува Ибрахим Мехмети.
XS
SM
MD
LG