Достапни линкови

2005 тешка година за регионот


Во регионот има позитивен развој но во наредната година ќе има предизвици и прашања што ќе треба да се решаваат, како на пример, Косово. Ова се клучните поенти од регионалната маса на Пактот за стабилност. Првиот човек на Пактот, Ерхард Бусек посочи дека 2004 година е важна за ЕУ и за југоисточна Европа, поради проширувањето на Унијата, што пак, е добра порака до земјите од западниот балкан. Тој рече дека 2005 година за регионот ќе биде тешка, а една од најважните прашања ќе биде статусот на Косово, но истакна:

„Напредокот се гледа во неколку области коишто и понатаму ќе треба да се развиваат, а тоа се, функционална локална демократија, што ќе биде сервис за граѓаните, разговорите за создавање енергетска заедница во југо-источна Европа, кои добро се одвиваат, а во нив активно учество зема и Македонија.“

Шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева оцени дека во регионот преовладува нов дух на солидарност, разбирање и пријателство, но посочи дека можело да се постигне повеќе во рамките на Пактот:

„Резултатите се видливи во процесот на интеграција во евро-атлантските структури. Убедена сум и во натамошната соработка и поддршка од пријателите. Нашиот приоритет во идина треба да биде поттикнувањето на интересот за инвестиции на овие простори.“

Таа информираше дека со заокружување на процесот на потпишување на спогодби за слободна трговија, создаден е пазар од 50 милиони потрошувачи. И Митрева, како и првиот човек на пактот, оцени дека и покрај позитивната оценка за развојот на регионот не треба да се затвораат очите пред сеуште присутните предизвици.

„Пред нас е 2005 година, која се оценува како клучна за регионот,“

рече Митрева.

Регионалната маса на Пактот, започна в среда, од кога на експертско ниво се разговара на три работни маси на различни теми, како локална демократија, развивање енергетска заедница, борба против организираниот криминал и соработка на прашања од одбраната.
XS
SM
MD
LG