Достапни линкови

Враќање на вистинската моќ преку сериозна реорганизација


Генерална е оценката дека Синдикатот, еден од клучните сегменти за заштита на работничките права во транзиционото македонското општество во услови на спроведување на засилени реформи, не толку успешно ја исполнува својата улога. Некои неуспешни потези од страна на синдикатот, и неможноста во целост да ги реализира барањата на работниците, се препишуваат на немањето на слух од страна на власта, со негово дополнително ослабнување предивикано од внатрешните синдикални превирања. Економските експерти освен овие потенцираат и една друга компонента во ослабнувањето на улогата на Синдикатот во земјава:

„Работникот не е доволно запознат дека има некој што им ги штити правата на работниците. Доколку работникот биде повеќе информиран од синдикатот за ова, мислам дека и синдикатот почесно и поодговорно би ја вршел оваа функција.“

потенцира професорот по трудово право Тодор Каламатиов.

Коментирајќи ја својата улога, од синдикатот лоцираат неколку проблеми за неможноста целосно да се одговори на „функцијата“ иако велат дека неможе да се потценуваат некои успешно реализирани синдикални барања и покрај проблемите со кои тој се соочува:

„Факт е дека во државата во целиот овој период не беше создадено вистинско социјално партнерство. Нашите предлози се разгледуваат, но ниту еден не се прифаќа и паѓаат веднаш откако ќе дојдат на седница на Владата,“

вели Пеце Груевски претседател на УПОЗ.

„Времето покажа дека како и во сите сегменти, и на синдикатот му се потребни реформи,“ смета претседателот на здравствениот синдикат, Симон Сиљановски и додава:

„Синдикатите треба сериозно да се трансформираат во начинот на работа, треба да се поделат на јавен сектор и сектор стопанство и да се координираат меѓу себе.“

Во оваа насока, се почесто, работниците во земјава за добивање на своите права ангажираат адвокати, а се поприсутен е и феноменот на формирање на разни здруженија.

„Таму каде што „Акционер“ организирал до сега, доаѓаат три до четири пати повеќе луѓе, отколку таму каде што организира синдикатот,“

изјавува Љубица Рубен, потпретседател на Здружението за заштита на акционери.
XS
SM
MD
LG