Достапни линкови

Калиопи, македонска музичка ѕвезда. Целта ми е да пеам на мојот мајчин јазик низ светот и сите да ме разберат


Од каде потребата за една ваква невообичаена турнеја на неслучени акустични концерти, каде што сте сами, клавирот, твојот глас и публиката?

Решив да и подарам еден момент на мојата публика, којшто до сега не и бил познат, ниту пак некогаш сум го сервирала, пред јавноста, за да таа може да говори и да го критикува. Има една друга работа, којашто е многу побитна, тоа е најинтимниот дел од целото создавање на мојата музика, и мислев дека ќе биде интересно публиката да го доживее тој момент. Втора работа, е позначаен уметнички аспект. Си реков, конечно треба да си дозволам и можам да си дозволам, креативното во мојата музика да заземе поширок хоризнот. Значи, она што било естрада, да прерасне во уметност и тие работи тлеат во мене од детството. И после 30 години творештво можам да си дозволам да кажам дека ќе го правам она што мене ќе ми падне на ум, а другите се надевам ќе го испочитуваат.

Дали на овој начин Калиопи им фрла ракавица во лице, на неуките, неталентираните и останатите на македонската поп сцена?

Мене многу ми пречи, кога во македонските гласила ќе прочитам Калиопи, па назнака, пејачка. Многу ми пречи, што сеуште не го категоризираат нештото. Јас си велам, значи ако јас сум само пејачка, значи треба да замолчам и да не правам повеќе, ниту песни, ниту текстови, ниту театарска музика, па си велам, дали тие луѓе следат или им е битно само да запишат нешто. Не дека јас се чувствувам повисоко, или позначајно на таа сцена. Едноставно, сакам да си обезбедам место, на вистинска категоризација на мојата уметност. Имам такво право, зашто секогаш уметноста сум го ставала пред себе. Затоа, ова не е фрлање ракавица на другите. Затоа што, тие не би имале оружје да ми се спротистават, кога јас би ги предизвикала на таков двобој. Затоа што, верувајте, ова што го работа е навистина многу рискантен и тежок чекор, дури и самата не знаев колку е тежок.

Но, зарем не сметаш дека ова е време на таквите, на блеферите на естрадата?

Има многу случајни, но најголем проблем е што случајните ги поддржува медиумот. Тоа е едно големо прашање, што не се однесува само до нас авторите. Туку, на целото општество. Односот на државата кон културата, односот на културата кон уметниците. Тоа е едно големо прашање и понекогаш сум уморна не само да зборувам, туку и да размислувам на таа тема. Станав голем индивидуалец. Јас и денеска не сум една од признатите македонски уметници, коишто до скоро ретко кој може да се пофали со 30 годишно искуство. Јас не сум била на грб на државата, ниту пак сум добила нешто од неа.

Калиопи е комплетна авторска личност, но и успешна деловна жена. Стоиш на чело и на својата продукција. Од каде време за сето тоа?

Времето е мојот најголем непријател. Како што стареам, и растам со оваа музика, сфаќам дека времето се помалку и помалку е присутно. Ми недостига, 24 часа се малку. Јас направив, освен свои проекти, и еден двоен албум на Есма Реџепова Теодосиевска. Оној креативен дел, не моравме ние да се грижиме, таа се погрижи, нашето беше само продукција и креирање на омот, и печатење.

Колку си задоволна од твојот ангажман во првиот македонски мјузикл Чија си?

Многу размислував дали да влезам во тој проект, затоа што тоа е меч со две острила и можеше да се случи спротивното, доколку ја немав вистинската екипа, доколку ја немав мојата лична самодоверба и доколку ја немав љубовта кон театарот, којашто датира уште од дете. Благодарејќи на прекрасната актерска екипа, инзвонредната музика на Славе Димитров и режисерката Џолева, мислам дека направивме еден проект којшто се базира на многу љубов. Во однос на пеењето, ние сите пееме во живо. До онаа мера колку што во Македонија располахаме со технички средства и можности, пред се, немаме сала, за еден таков мјузикал, за да може да наликува на бродвејските. Но, зошто да мора да наликува на бродвејските, сепак сме Македонија и правиме колку што имаме можности.

Твоето име некои повторно го споменуваат во кругот на оние од кои треба да се бира македонскиот претставник на изборот за песна на евровизија. Колку тоа има врска со реалноста и што е она што би била твоја идна провокација во професијата?

Доколку некој планира да ме става во такви комбинации, тоа ќе биде чин на, не би сакала, да користам ниту зборови со кои би го окарактеризирала тој момент. Ако некој сака Калиопи да ја претставува Македонија на Евровизија, едноставно и се прави нарачка на Калиопи, таа да размислува една година како би се претставила Македонија на евровизија, а не да мешаме, баби и жаби, јаболки и круши во еден кош, па да направиме Франкештајн, и со Франкештајн повторно да се појавиме на избор на песна на Евровизија, а песна немаме. Кој одлучува прво за тоа нешто? Зад затворени врати не знам ниту кој, ниту како тоа го решил. Не е предизвик за мене Евровизија, за мене предизвик е следното: да пејам и надвор, значи на секаде во Европа, на секаде во светот на својот мајчин јазик. Мислам дека концертот што ќе го работам во Универзалната сала е почеток на еден круг што ќе го отворам и мислам дека со ваков концерт може да заминеш насекаде во светот и дури и кога пееш на својот јазик секој да те разбере, тоа е мојата цел!
XS
SM
MD
LG