Достапни линкови

Американската политика кон Македонија не зависи од претседателските избори


По изборите за претседател на САД не може да се очекуваат радикални промени кон Македонија, сметаат аналитичарите во Македонија. Владо Поповски, професор на правниот факултет во Скопје посочува дека во случај да победи демократот Џон Кери можна е разлика во нијанси:

„Тоа значи веројатно поголемо присуство на Балканот и поголемо ангажирање на САД во дипломатска и политичка смисла околу преостанатите прашања, што значи тоа би бил водечки партнер во однос на ЕУ. А, доколку победи Џорџ Буш, предноста во носењето на одговорноста за прашањата на Балканот би се препуштиле на ЕУ.“

Но, според Поповски тоа не предизвикува некои големи промени за Македонија било во позитивна или негативна смисла. За Назми Малиќи професор на Штуловиот Универзитет во Тетово, искуството до сега покажува дека има континуитет во американската политика, без разлика дали претседателот е од Демократската или Републиканската партија:

„Надворешната политика на САД во однос на Балканот, воопшто кон Македонија оди со континуитет и мислам дека политиката нема да се промени, затоа што тие односи се градени на јасни патеки и стандарди.“

Во контекст на прашањето за името на земјава, Поповски смета дека нема простот за стравување дека е можно негирање на името:

„Мислам дека се трасира една нормална, природна перспектива, со тоа што сме сведоци дека САД уште од 1993 година од првиот договор меѓу Министерствата за одбрана, тогаш потпиша помошникот на министерот за надворешни работи на САД, со името, за македонската влада, уште еден таков договор е потпишан со државниот секретар Коен, сега слушаме дека е потпишан третиот договор не за македонската влада, туку за владата на Македонија, ако е тоа така, тоа значи дека е дополнителен чекор во таа насока направен. И друго обраќањето на разни американски личности по разни поводи укажува дека поимот Македонија не може на ниту еден начин да се заобиколи.“

И Малиќи оценува дека има позитивни сигнали кон Македонија во однос на ова прашање:

„Односот кон официјланото име на Република Македонија е добра порака и тоа може да се прифати со симпатии.“
XS
SM
MD
LG