Достапни линкови

Парламентарни избори


На Косово утре ќе бидат одржани парламентарни избори за кои се смета дека ќе имаат големо влијание врз конечниот статус на покраината пред преговорите за тоа што Обединетите Нации ги најавија за идната година. И додека Запад бара масовен одѕив, косовските срби, незадоволни од безбедносните гаранции, најавија бојкотирање на изборите.

Околу милион и триста илјади жители на Косово можат да го искористат своето право за да го изберат новиот парламент составен од сто и дваесет пратеници. Но, не е сигурно колку од нив ќе бидат косовски срби.

„Сакаме слободни и демократски избори. Овие избори не се ни слободни ни демократски. Не мислам дека тие се наши избори. Тие се албански избори.“

Изјави српскиот лидер во подолената Косовска Митровица на протестот против српскиот претседател Борис Тадиќ кој побара од нив да излезат на изборите. За разлика од Тадиќ, српскиот премиер Воислав Коштуница ги охрабри косовските срби да ги бојкотираат, велејќи дека тие не би требало да учествуваат на кои и да било избори се додека не бидат заштитени нивните права. Косовските срби се уште се опоравуваат од последниците на етничките насилства што се случија во март годинава во кои загинаа деветнаесет луѓе, а околу шестотини српски домови и цркви беа запалени. Овие избори ќе бидат четврти по ред откако по НАТО интервенцијата пред пет години српските сили беа повлечени од Косово кое сега е под привремена администрација на Обединетите Нации. Прашањето за конечниот статус беше клучно за албанските политичари во предизборната кампања.

„Не преферирам организирање меѓународна конференција за тоа. Најдобро решение е признавање на правото на косоварите на референдум да ја изразат нивната политичка волја за конечниот статус на Косово.“

Изјави во интервју за Радио Слободна Европа, Хашим Тачи, лидерот на националистичката Демократска партија која се смета за главен ривал на Демократскиот сојуз на умерениот претседател Ибрахим Ругова. Покрај статусот, повеќето од косовските албанци се загрижени и поради невработеноста и тешката економска ситуација во покраината која сега живее од странски донации. Такму поради тоа, според некои западни аналитичари, Косово и натаму останува кризно подрачје. Меѓу нив е и и Тим Џуда, експерт за балканот и автор на книгата Косово, војна и одмазда.

„Мислам дека Косово, по насилствата во март, повеќе или помалку, исчезна од меѓународниот медиумски радар. Но, мислам дека ќе почне да се враќа, посебно поради тоа што расте разочараноста меѓу косовските албанци. Нивните лидери ветуваат независност во идната есен. Тоа секако е бесмислено. Но, со растечките очекувања, расте и разочараноста.“

Вели Тим Џуда. Една личност на која со посебно внимание ќе се гледа на изборите е Ветон Сурои чие граѓанското движење Ора заговара економска обнова на Косово. Иако релативно нов политичар Сурои, кој беше член на косовскиот преговарачки тим во Франција пред пет години, сепак им е добро познат на западните претставници и на него се гледа како на некој кој би можело на косовскиот парламент да му ја донесе толку потребната практичност.
XS
SM
MD
LG