Достапни линкови

Вилјам Хенеси, Извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија. На Македонија и треба рекламирање на нејзините продукти и услуги


Како би ја опишале соработката мегу американските и македонските компании и воопшто соработката во економијата?

Генерално соработката е умерено добра, но секако не е доволно развиена. Умерено добра тоа значи дека американските компании се заинтересирани, но напорите таа да се развие не се доволни.

Во кој правец треба да работат македонските компании и институциите во земјава за да се подобри оваа состојба?

Јас мислам дека едно е оти можеби напорите треба да се посконцентрирани, да се изградат односите и потребно е она што е типично американска изрека продавај, продавај, продавај. Тоа значи дека треба постојано да ги нудите вашите производи, а притоа постепено се разбира да се работи и на постигнување на стандардите. Тука помагаат луѓето од Американската комора, наша обврска е и да ги подобриме односите и се превземаат некои иницијативи. Наша задача е да се поддржат фирмите членки на комората да го развиваат бизнисот во Македонија, во Соединетите држави и на другите пазари, да се обезбедат инвестициите од американските компании кои доаѓаат во земјава, да се придонесе за развој на бизнис клима што е клучно, зашто во спротивно нема инвестиции, нема развој. Потоа да и се помогне на Македонија да ја зголеми конкурентноста на светскиот пазар и слично.

Што од ова досега е реализирано, има ли резултати во некои сегменти?

Па, јас сум тука речиси една година и кај мене се помешани задоволството и тагата. Задоволството е поради тоа што постигнавме неколку работи кога дојдов пред една година бројот на членови во Комората се зголеми, работевме на истражување за да видиме кои се нивните очекувања и како ние можеме да им помогнеме. Од тоа произлезе дека прво е неопходно тие да се среќаваат многу често и да соработуваат, потоа ние организираме вакви средби и второ да се среќаваат со претставници на американски компании. Во оваа област не успеавме баш најдобро, имаше иницијативи тука да дојдат претставници на американски компании, но тоа е одложено. Сепак, јас се надевам дека тоа ќе се реализира. Ние сме дел од Американската Комора која е дел од приватниот сектор во Соединетите држави и има три милиони членови. И нашата идеја засега е да воспоставиме добри врски со нив и токму тие да се вклучат во овие активности што значи да испратат бизнисмени во земјава со цел тие да се запознаат со приликите во Македонија. Важно е тие луѓе да ги разберат предностите кои ги има во земјава и едноставно одблиску да ја согледаат состојбата.

Споменавте дека иницијативата да се донесат претставици на американски компании не била успешна, но вели не се откажувате, кога може да се очекува тоа да се реализира?

Јас ќе го предложам тоа до бордот во наредните пет или десет дена кога ќе биде наредниот состанок и претпоставувам дека тоа ќе се случи во наредните три или четири месеци. Се надевам дека овој пат ќе успее, бидејќи веќе има случаи на американски бизнисмени кои ја посетувале Македонија за да согледаат дали има услови за инвестиции, соработка.

Претставници од кои компании,од кои области планирате да ги доведете во Македонија?

Можам да споменам дека како прво бараме компании за дистрибуција, Но, исто така сме заинтересирани да најдеме американски компании кои се заинтересирани да дојдот тука и да воспостават дистрибутивни центри за стока што би служеле на целиот пазар во овој регион. Цел ни се фармацијата, храната, виното, текстилната, но морам да напоменам дека важна област е и туризмот.

Велите дека Македонија може да биде дистрибутивен центар. За какви производи? Може ли да објасните и да посочите за предности од каков вид станува збор?

Причините се дека Македонија има интересни карактеристики. Една е стратегијата, односно местото каде што се наоѓа земјата. Македонија е на средината на еден голем пазар поточно регионот на Југоисточна Европа, ова е транспортен регион, бидејќи земјата се наоѓа близу до медитеранот, па така стоката што се истоварува во пристаништата може да се носи во Македонија и тука да се складира и потоа да се транспортира, бидејќи тоа е поевтино, трошоците доколку стоката се складира во Македонија ќе бидат помали отколку во друга земја. Тоа што е исто така важно или можам да кажам е основа, е што тука се вкрстуваат коридорот 8 и 10. Ова е клучно затоа што како што ќе се развива Источна Европа стоката повеќе ќе се движи од и кон овој регион, тоа значи дека центарот се придвижува кон истокот и југот и кон Македонија. Тоа е голема работа и ќе оди бавно, но ќе има влијание и врз Македонија во иднина. Така од Македонија ќе може да се дистрибуираат најразлични производи како оние од „Хјулит пакард“, „ИБМ“, „Проктер и Гембел“ и многу други.

Ваше мислење за македонските производи, колку и дали воопшто тие се атрактивни на американскиот пазар, но и на другите пазари?

Па, мислам дека краткиот одговор е оти сигурно имате некои производи кои би биле интересни за американските потрошувачи. Тоа е текстилот и соработка тука веке има, потоа виното кое е одлично, храната, како доматите и воопшто зеленчукот. И повторно ќе кажам - туризмот Македонија е прекрасна земја и од тоа може да има многу корист. Многу од овие производи точно е дека ги нема на пазарите што ги споменавте, потребно е да се постигнат некои стандарди и затоа мора да бидете упорни и да ги нудите произвоидите. Тоа е клучно, постигнувањето на стандардите ке се случи со тек на време. Јас знам и конкретни случаи во некои области. На пример, еден производител на вино во земјава работи токму во оваа насока, работи на конкурентноста на производот.

Како причина поради што нема инвестиции во земјава се наведува корупцијата. Истражувањата и секојдневието говорат за голем степен на корупција, што велите вие?

Не сум тука доволно долго но покрај нашите членови станав свесен за корупцијата сега. Секако има сериозни проблеми. Како и да е, тоа мора да се реши, зошто никој нема да инвестира во земјава. Јас мислам дека ке се надмине, и сум оптимист. Покрај се мора да се укажува и дека сепак има области каде што може да се инвестира, каде што има услови.

Според вас што треба да направат македонските институции за надминување на овој проблем?

Јас секако би ги охрабрил граганите на Македонија да продолжат да вршат притисок врз владата и државните институции и да укажуваат на штетите од корупцијата, бидејќи тоа е многу важно. Притоа сметам дека надлежните институции за намалување на оваа појава треба да ги користат искуствата од другите земји и секако потребно е да се има војла и да се работи напорно.

Во контекст на ова важно е судството, бидејки најчесто странските инвеститори велат дека доколку би инвестирале во Македонија во случај на проблем и недоразбирања нема кој да ги заштити едноставно велат, дека не веруваат во судскиот и воопшто правниот систем во државава. Кое е вашето мислење?

Јас не ги знам сите детали, но повторно преку нашите членови свесен сум за судски злоуптреби и оваа ситуација исто така мора да се надмине. Но, морам да кажам дека мојот впечаток е оти се прават напори во насока на надминување на оваа состојба. Во овој дел мислам дека станува збор за поединци кои ја злоупотребуваат позицијата и тие треба да се отстрануваат од работните места. Правната сигурност е многу важна за личната безбедност на граганите за Македонија, па и за оние кои престојуваат во земјата.

Што треба да се направи за економски развој, и генерално со оглед на ситуацијата во земјава, ваша проценка како во иднина ке се одвива тој?

Рекламирање на Македонија, на нејзините продукти, услуги. Верувам дека ке има резултати. Ние тука на пример помагаме за зголемување на конкурентноста. Јас сум голем оптимист за Македонија, секако гледам дека има предизвици, но не верувам дека тоа ке оди многу тешко. Се надевам дека економскиот развој на Македонија ке ја доведе Македонија до нивоата на другите земји како на пример Словенија за која мислам дека треба да биде модел за Македонија.
XS
SM
MD
LG