Достапни линкови

Партиите со лимитирани донации, непрофитни и транспарентни


Досегашниот систем на финансирање на партиите во Македонија беше оквалификуван како еден од генераторите на корупција. Партиите немаа обврска да бидат транспарентни во врска со средствата со коишто располагаат, и според експертските укажувања, во овој домен, функционираше системот на тајни фондови и црни донации. Македонија е една од последните земји во регионот, која законски не ја регулирала оваа сфера. Наскоро се очекува македонското собрание да го донесе токму овој закон. Со неговите одредби, партиите се дефинираат како непрофитни организации, кои добиваат средства од буџетот, годишно 0,08 насто, од кои 70 за парламентарните партии, а 30 насто за парламентартните и вонпарламентарните што освоиле најмалку 1 насто од гласовите на последните избори, вели Зоран Шапуриќ, еден од предлагачите на законот:

„Законот предвидува лимит на донации, 100 просечни плати за физички лица, и 200 просечни плати за правните лица. Меѓутоа, законот исто така предвидува санкции. Политичка партија која два пати во годината ќе направи прекршок на овој закон, го губи правото на финансирање во наредната година и политичките партии ќе имаат обврска да ги објавуваат јавно своите годишни извештаи. А, за контролата на работењето на политичките партии во финансискиот дел ќе биде надлежно Министерството за финансии.“

Доцент Рената Десковска очекува дека со законот ќе се воведе вистинска транспарентност во финансирањето на партиите, но смета дека за поголема контрола треба да се размисли и за иницирање на независно тело:

„Треба да се има предвид и можноста за вклучувањето на државната анти корупциска комисија во контролата на финансирањето на политичките партии, а од друга страна и воспоставување на еден независен орган, во којшто ќе седат претставници и од власта и опозицијата коишто ќе имаат надлежности во таа контрола на финансирањето.“

Котрнолата на финансиското работење на партиите мора да е двостепена, вели Слаѓана Тасева од анти корупциската комисија, која учествуваше во експертскиот тим за изработка на законот:

„Доколку државениот ревизор по извршената контрола утврди дека има одредени неправилности, за тоа ја извести Државната антикорупциска комисија.“

Меѓутоа, Тасева очекува со закон да се дефинира и финансирањето на предизборните кампањи, бидејќи во овој домен досега беа уочени сериозни проблеми:

„Од обезбедување на максимална транспарентност, до начинот за давање отчет за тоа како се потропшени тие финансиски средства.“
XS
SM
MD
LG