Достапни линкови

Благодарност за македонското учество во операцијата во Ирак


По средбата во Персискиот залив, на американскиот носач на авиони „Џон Кенеди“ на сите министри за одбрана од земјите учеснички во анти-терористичката коалиција, предводени од САД, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, доаѓа во Скопје со доминантна цел, да изрази благодарност за македонското учество во опрециите во Авганистан и Ирак. Пред посетата на американскиот секретар за одбрана, македонскиот министер Владо Бучковски изјави:

„Рамсфелд ќе дојде за да го потврди стратешкото партнерство што во изминатите две години го проектира Република Македонија, сакајќи пред се, да изрази благодарност на македонските војници, кои заедно со американсите војници преземаат дел од обврските за стабилизација на безбедносната состојба во Ирак.“

Во таа смисла, тој на неколкумина припадници на специјалната армиска единица „Волци“, учесници во досегашните три македонски контингенти во Ирак, ќе им врачи медали. Во рамките на посетата на првиот човек на американската одбрана, инаку прва од таков вид во последните 11 години, треба да биде потпишан и документ за воена соработка меѓу Македонија и САД. Договорот за соработка во областа на спречување на ширењето на оружје за масовно уништување и за промоција на заедничките одранбени и воени односи, треба да придонесе за продлабочување на релациите меѓу двете земји, но истовремено тој ќе овозможи Македонија да може да добие донација од високо софистицирана техника и опрема, велат во Министерството за одбрана. Станува збор за договор, што Македонија со САД ќе го потпише, не под уставното име Република Македонија, туку под формулацијата македонска влада, како што тоа беше случај и со претходните три договори меѓу Скопје и Вашингтон.

Посетата на Доналд Рамсфелд на Скопје има значајна политичка димензија и во однос на македонските амбиции за членство во НАТО:

„Дефинитивно најмоќната личност во сферата на министрите за одбрана, во поглед на нашите амбиции на следниот НАТО самит да ја добиеме поканата за членство во НАТО,“

рече македонскиот министер за одбрана Бучковски.

Амеркиканскиот државен секретар во Скопје ќе има средба и со претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Хари Костов. Како што е официјално соопштено, на средбата во владата ќе присуствуваат и вице премиерите Муса Џафери и Радмила Шеќеринска. Очекувањата на македонскиот државен врв се дека американскиот државен секретар во Скопје ќе ја потврди и ќе ја повтори позицијата на Вашингтон во однос на најактуелното политичко прашање во земјава – референдумот, како што тоа го сторија и претходно сите досегашни претставници на САД.
XS
SM
MD
LG