Достапни линкови

Започнаа подготовките за набљудување


Паралелно со подготовките на ДИК, на иницијаторот и сите заинтересирани политички субјекти околу референдумот, течат и подготовките за набљудувањето на денот на гласањето. Голема е веројатноста, тоа на 7-ми ноември да биде следено од домашни и странски набљудувачи, на сличен начин, како што беше случај со последните претседателски, но и претходните изборни циклуси во земјава.

„Точно е дека канцеларијата за демократски институции и човекови права ОДИХР, при ОБСЕ, најчесто следи други видови избори, но референдумите се исто така еден облик на гласање, што ние потенцијално би можеле да го набљудуваме,“

изјави портпаролот на ОБСЕ Максим Филандров. Во таа смисла, тој информира дека во моментов во Македонија престојува комисија на ОДИХР, во таканаречена мисија на утврдување на фактите. Таа по консултациите и разговорите со македонскиот државен врв и со политичките партии треба да направи проценка, за можноста, но и за потребата од набљудувањето на референдумот од страна на ОДИХР. Но, се разбира официјалното барање за таквото нешто, мора да дојде од македонската влада.

„Такво барање сеуште официјално не е упатено,“

прецизира Филандров.

Освен странските, во своевидна подготовка се и домашните набљудувачи. Најбројните на последниот изборен циклус, граѓанската асоцијација „Мост“, повторно најавува свое присуство:

„Со отприлика околу 3,500 набљудувачи, исто како што тоа го направи за минатите претседателски избори,“

вели претставник на „Мост“ Славица Биљарска.

Оваа асоцијација, планира, исто како и за претседателските избори, не само да ја следи кампањата и текот на гласањето, туку и да излезе со свои резултати:

„Мост повторно ќе го пребројува одзивот на гласачите, а ќе го спроведе и ПВТ системот, паралелното пребројување на гласовите, врз основа на кој, два – три часа по завршувањето на гласањето, ќе може да излезе со резултати со бројот на гласачи и бројот на гласови за или против референдумот.“

Според законската регулатива, крајниот рок за поднесување барања до ДИК за следење на референдумот, е десет дена пред истекот на кампањата, односно пред изборниот молк.
XS
SM
MD
LG